Германија иницира формирање центри за враќање мигранти во трети земји

23.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германија иницира формирање центри за враќање мигранти во трети земји

Според германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринд, работната група, во која, покрај Германија, ќе учествуваат и Австрија, Данска, Грција, Холандија, како и Европската комисија, ќе треба да изготви план со „иновативни модели“ за враќање на мигрантите, вклучително и да ги идентификува потенцијалните земји надвор од ЕУ во кои би биле сместени центрите.

- Со одлуките донесени минатата година создадовме основа за воведување поголем ред во миграцискиот систем. Тоа вклучува и иновативни модели - изјави Добринд.

Лани во март Комисијата предложи нови правила за враќање државјани од трети земји што не ги исполнуваат условите за легален престој во ЕУ, кои, меѓу другото, предвидуваат и можност за создавање т.н. центри за враќање во земји надвор од Унијата во кои би биле сместувани лица чии барања за азил биле одбиени и кои би останале во овие центри до нивната депортација во државата на потекло или друга безбедна земја.

Паралелно со ова веќе неколку месеци меѓу земјите членки на ЕУ циркулираат и предлози за доброволните и за присилните враќања на мигрантите, првенствено во Сирија. Овие предлози главно се насочени кон лица осудени за кривични дела или оние што се сметаат за безбедносен ризик.

Германија кон крајот на минатата година депортира сириски државјанин осуден за кривични дела врз основа на билатерален договор меѓу Берлин и Дамаск.

Во меѓувреме, белгиската министерка за миграција Анелин ван Босаут најави планови за стимулација на Сиријците да се вратат во матичната земја, кои вклучуваат и дополнителна помош до 5.000 евра за реинтеграција“ за оние што доброволно ќе заминат од Белгија.

- Поддржувам доброволно враќање секогаш кога е можно и присилно враќање кога е потребно - изјави во таа пригода Ван Босаут.

Кипарскиот заменик-министер за миграција Николас Јоанидес, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, изјави дека многу земји членки се залагаат за продолжување на депортациите, пред сè на осудени криминалци и лица што се сметаат за безбедносни закани.

- Подготвени сме да разговараме со нашите партнери од ЕУ и Комисијата за да помогнеме во воспоставувањето механизам за враќања во Авганистан - изјави Јоанидес минатата недела.

Главен иницијатор за враќања во Авганистан е Белгија, која лани во октомври поттикна 19 земји членки да извршат притисок врз Еврокомисијата за изнаоѓање начини за депортација на Авганистанците. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата