Пјер Гијон де Принс, чии предци од Нант биле сопственици на бродови кои превезувале околу 4.500 поробени Африканци и поседувале плантажи на Карибите, рече дека и другите француски семејства мора да се соочат со своето минато.
Тој верува дека државата мора да направи повеќе од симболични потези за да се справи со ова наследство, вклучително и прашањето за репарации. „Со оглед на порастот на расизмот во нашето општество, чувствував одговорност да не дозволам тоа минато да се избрише“, рече 86-годишникот, додавајќи дека сака да ја пренесе семејната историја на своите внуци.
Тој се извини на собир во Нант пред поставувањето на 18-метарска реплика на јарболот на бродот. Диедон Бутрен, потомок на поробени луѓе од карипскиот остров Мартиник, исто така присуствуваше на поставувањето на репликата. Двајцата соработуваат во здружението Coque Nomade-Fraternité, кое се занимава со „кршење на тишината“ за ропството, и истакнаа дека јарболот ќе служи како „светилник на човештвото“.
Франција го призна трансатлантското ропство како злосторство против човештвото
„Многу семејства на потомци на трговци со робови не се осмелуваат јавно да зборуваат од страв да не отворат стари рани и да предизвикаат гнев. Извинувањето на Пјер е храбар чин“, рече 61-годишниот Бутрин.
Од 15-ти до 19-ти век, најмалку 12,5 милиони Африканци биле киднапирани и насилно транспортирани, главно со европски бродови. Според проценките, Франција учествувала во трговијата со околу 1,3 милиони луѓе.
Потегот на Гијон де Принс следи по слични формални извинувања од некои семејства во Велика Британија и на други места, што вклучуваше обврски за помош во санирањето на штетата предизвикана од постапките на нивните предци. Франција го призна трансатлантското ропство како злосторство против човештвото во 2001 година, но, како и повеќето европски земји, никогаш формално не се извини за својата улога.
Повиците за обештетување се зголемуваат
За време на неговиот мандат, претседателот Емануел Макрон го прошири пристапот до архивите за колонијалното минато на Франција. Минатата година, тој најави формирање комисија која треба да ја истражи историјата на односите меѓу Франција и Хаити, без да спомене репарации.
Повиците за репарации, од официјални извинувања до финансиска компензација, се зголемуваат низ целиот свет, дури и додека критичарите тврдат дека државите и институциите не треба да бидат одговорни за историски злосторства.
Минатиот месец, Франција се воздржа од гласање во Обединетите нации за резолуција предложена од африканските земји со која ропството се прогласи за „најголем злостор против човештвото“ и се повика на репарации.

