Шестмина демократи, членови на Претставничкиот дом и Сенатот, минатата недела на социјалната мрежа „Икс“ објавија видео во кое им се обраќаат на воените и разузнавачките службеници со зборовите: „Можете да одбиете да извршите незаконски наредби“.
Пентагон вчера соопшти дека го проверува сенаторот Марк Кели од Аризона за можни прекршувања на законите за вооружените сили.
ФБИ и Пентагон презедоа мерки откако претседателот Доналд Трамп ги обвини конгресмените за поттикнување бунт, што, како што напиша е „казниво со СМРТ“.
„Претседателот Трамп го користи ФБИ како инструмент за заплашување и малтретирање на членовите на Конгресот“, се вели во соопштението објавено од четворица демократи од Претставничкиот дом. Сенаторката од Мичиген, Елиса Слоткин, која е меѓу шесте конгресмени кои учествуваа во видеото, изјави пред новинарите дека синоќа одделот за борба против тероризам на ФБИ им испратил известувања дека против нив се започнува проверка. Слоткин додаде дека Трамп „се обидува да го искористи ФБИ за да ги исплаши“ шестмината демократи.
„Без разлика дали се согласувате со видеото или не, според мене има едно клучно прашање. Дали е соодветно реакцијата на еден претседател на САД да се состои во прогон на луѓето со кои не се согласува, и во користење на Владата како оружје против нив“, запраша Слоткин.
Видеото од 18 ноември доаѓа во услови на засилена загриженост кај демократите, неформално споделена и од некои високи американски воени функционери, дека администрацијата на Доналд Трамп го крши законот со тоа што им наредува на американските војници да убиваат осомничени трговци со дрога при напади врз нивните пловни објекти во водите во близина на Латинска Америка. Пентагон, пак, тврди дека овие напади се оправдани бидејќи трговците со дрога се означени како терористи.
ФБИ одби да ги коментира изјавите на демократите.
Директорот на ФБИ, Каш Пател, во интервју за новинарката Кетрин Хериџ, рече дека не може да разговара за деталите од случајот.
- Она што го мислам е истото што ми поминува низ главата во секој случај: дали постои законска основа за започнување истрага и проверка или не, посочи Пател. Тој додаде дека одлуката ќе ја донесат агенти и аналитичари на ФБИ.

