Еве како втората бременост го менува мозокот на жената – се случуваат две клучни промени

5.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Еве како втората бременост го менува мозокот на жената – се случуваат две клучни промени

Нова студија на група научници од универзитетскиот Медицински центар од Амстердам, открива дека втората бременост носи уникатни промени во женскиот мозок. Според истражувањата објавени во февруари 2026 г. во “Nature Communications”, бременоста не само што го менува телото на жената, туку предизвикува длабока „реорганизација“ во мозокот, создавајќи адаптации специфични само за мајчинството.

Претходните истражувања на истата група покажале дека и првата бременост има силно влијание на мозокот, но новата студија открива дека и втората бременост доведува до посебни, специфични промени. Со користење на напредна магнетна резонанца, (MRI) научниците ги следеле жените пред, за време на бременоста и после бременоста, бележејќи прецизни промени во сивата и белата маса. Тие промени им помагаат на мајките да се подготват за нега на новороденчето и да се прилагодат на новите барања на родителството, пренесува Stil.

Иако за време на бременоста во некои регии на мозокот се намалува волуменот на сивата маса, тоа не е знак на оштетување. Напротив, научниците објаснуваат дека станува збор за процес на „созревање“ на мозокот. Региите кои се намалуваат се поврзани со социјалното спознавање – способноста да се разберат емоциите и потребите на другите, што е клучна вештина за мајчинството.

Што откриле научниците?

Во студијата учествувале 11 жени – дел од нив станале мајки за прв пат, дел добиле второ дете, додека третата група останале без деца. Повторените скенирања на мозокот им овозможиле на истражувачите јасно да ги идентификуваат специфичните промени кои се јавуваат во втората бременост, кои се разликуваат од ефектите на првата бременост и животот без деца. Резултатите јасно покажуваат дека бременоста го обликува мозокот на единствен начин, подготвувајќи ги мајките за емоционалните и социјалните предизвици што ги носи родителствотото.

Со ова првпат покажавме дека мозокот не се менува само за време на првата бременост, туку и во текот на втората. За време на првата и втората бременост мозокот се менува на сличен и единствен начин. Секоја бременост остава уникатна трага на женскиот мозок – објаснува Елселин Хоекзема, директор на Лабораторијата за мозочни промени во бременоста на универзитетскиот Медицински центар во Амстердам.

Најголемите промени во мозокот за време на првата бременост се забележани во делот на мозокот клучен за саморефлексија и социјална интеракција. Овој дел, за време на првата бременост поминува низ силна трансформација, додека во текот на втората бременост повторно се менува, но во нешто помала мера. Интересно е што во втората бременост поизразени се промените во мозочните мрежи кои се задолжен за реакцијата на надворешните дразби и контролата на вниманието. Овие процеси може да бидат корисни кога се грижите за повеќе деца.

Истражувачите откриле дека промените во мозокот за време на бременоста се поврзани и со квалитетот на односот помеѓу мајката и детето. Оваа поврзаност била поизразена кај првата бременост отколку кај другите. Но, интересно е што научниците исто така воочиле врска помеѓу структурните промени во мозокот и перипарталната депресија (промени во расположението за време на бременоста), како при првата, така и при втората бременост.

Стручните лица истакнуваат дека ова сознание може да помогне за рано препознавање и подобро разбирање на менталното здравје на мајката.

Заклучоци од студијата

Зголемена делотворност – Намалувањето на сивата маса не е знак за губење на функциите, туку елиминирање на одвишните обврски, што му овозможува на мозокот побрзо и поефикасно да ги препознае потребите на детето.

Зголемена интуиција – Промените се најизразени во региите на мозокот одговорни за разбирање на емоциите и намерите на другите, што на мајката ѝ го олеснува воспоставувањето на цврста врска со бебето.

Долготрајни ефекти: Структурните промени во мозокот остануваат видливи и до две години после породувањето, а можеби и подолго.

Хормоните естроген и прогестерон играат клучна улога во овие невролошки промени. Нивната „преплавеност“ делува како катализатор што го обликува мозокот, спремајќи го за новите предизвици на мајчинството.

Оваа студија дава фасцинантен доказ за „пластичноста“ на возрасниот мозок. Бременоста не е само физиолошки процес што го менува телото, туку длабоко невролошко искуство кое го преобликува умот и ја спрема жената за мајчинската улога.

Влијание врз менталното здравје на мајката

Резултатите од истражувањата имаат значаен потенцијал во разбирањето на постпородилниот период. Следењето на промените во мозокот им овозможува на стручните лица да ги идентификуваат жените кои се под поголем ризик од постпородилна депресија и анксиозност за да може да добијат поддршка во право време.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата