Експертите предупредуваат: Плановите на ЕК за пестицидите се спротивни на правото на ЕУ

27.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Експертите предупредуваат: Плановите на ЕК за пестицидите се спротивни на правото на ЕУ

Во анализата, нарачана од повеќе организации за заштита на потрошувачите и животната средина, се заклучува дека плановите на Европската комисија би довеле до „значително намалување на нивото на заштита на животната средина и здравјето“.

Во документот се изразуваат и сериозни сомнежи за усогласеноста на предложените измени со принципот на претпазливост и со високото ниво на заштита на здравјето и животната средина, загарантирани со европското право.

Организациите Foodwatch, фондацијата „Аурелија“, ClientEarth, „Еколошка акција Германија“ (DUH), Германската лига за природа и животна средина (DNR), Мрежата за акција против пестициди и Еколошкиот институт од Минхен ја повикаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ги запре овие планови.

Европската комисија во иднина сака пестицидите, како глифосат, да бидат одобрени на неопределено време во ЕУ. Со предлогот презентиран во декември се предвидува укинување на досегашните задолжителни редовни повторни одобрувања за активните супстанции, при што најопасните супстанции би биле исклучок од ова правило.

Досега одобрувањето активна супстанција во ЕУ се даваше за ограничен период од најмногу 15 години по што мораше повторно да се преиспита. Доколку не се обнови, одобрувањето истекува.

Според желбите на Комисијата, обновувањата и целните повторни процени во иднина би се вршеле само кога за тоа постојат научни причини. Правното мислење ја критикува идејата дека во овој процес пресудна би била последната процена направена на ниво на ЕУ, што може да доведе до игнорирање понови научни сознанија за активните супстанции.

Експертите наведуваат дека ваквиот пристап е спротивен на судската пракса на Судот на правдата на ЕУ, според која Унијата мора да ги земе предвид најновите научни сознанија при донесување прописи во оваа област.

Тие исто така гледаат правни проблеми и во плановите на Комисијата да дозволи активните супстанци да продолжат да се користат и продаваат подолго отколку досега, дури и по истекот на нивното одобрување.

Со оваа иницијатива Европската комисија има цел да ги намали административните обврски и трошоците за производителите, компаниите и надлежните институции. Истовремено, како што нагласува Комисијата, треба да се зачуваат високите стандарди за безбедност на храната и добиточната храна.

Поради подобрата достапност на производите, се очекува корист да имаат и земјоделците.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата