Експертите предупредуваат: Мачките никогаш не треба да ги храните со овие намирници

2.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Експертите предупредуваат: Мачките никогаш не треба да ги храните со овие намирници

Мачките се љубопитни животни и често ќе пробаат сè што ќе им се најде на дофат. Но тоа што нешто им е достапно не значи дека е безбедно за нивниот организам. Некои од секојдневните намирници што луѓето ги консумираат можат да предизвикаат труење, оштетување на органи или долгорочни здравствени проблеми кај мачките.

Меѓу најопасните намирници е чоколадото. Тоа содржи теобромин и кофеин, супстанции што мачките ги разградуваат многу побавно од луѓето. Дури и мала количина може да предизвика повраќање, дијареја, забрзана работа на срцето, треперење и напади. Колку е потемна чоколадата, толку е поголем ризикот.

Кромидот и лукот, без разлика дали се свежи, варени или во прав, исто така се опасни. Нивните соединенија можат да ги оштетат црвените крвни клетки и да доведат до анемија. Дополнителен проблем е што симптомите често се појавуваат со задоцнување, кога веќе настанала штета.

Грозјето и сувото грозје, иако се сметаат за здрав избор кај луѓето, кај мачките можат да предизвикаат акутна бубрежна слабост. Иако точниот механизам на токсичност не е целосно разјаснет, регистрирани се случаи на сериозни труења и по внесување многу мали количини.

Алкохолот и пијалаците што содржат кофеин никако не смеат да бидат достапни за милениците. Дури и минимална количина алкохол може да доведе до нарушувања на дишењето, пад на телесната температура, кома и смрт. Кафето и енергетските пијалаци дополнително го оптоваруваат нервниот и кардио-васкуларниот систем.

Опасност претставува и сировото тесто со квасец, кое во желудникот се шири и создава гасови, предизвикувајќи болка и надуеност, а при ферментација се создава и алкохол. Сировото месо и сировите јајца, пак, носат ризик од бактериски инфекции како салмонела, што може сериозно да го наруши здравјето на мачката. Иако млекото традиционално се поврзува со мачките, повеќето возрасни мачки не поднесуваат лактоза. Консумирањето млечни производи може да предизвика дијареја и други дигестивни проблеми.

Стручњаците советуваат сопствениците да се придржуваат до специјално направена храна за мачки и секогаш да се консултираат со ветеринар доколку се сомневаат дека миленикот изел нешто што не треба. Правилната исхрана е значајна за долг и здрав живот на секоја мачка. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата