Како дете, таа обожавала да го истражува прашливиот таван на нејзината баба, исполнет со стари книги и предмети. Сепак, најголемото изненадување дошло многу години подоцна - кога меѓу нејзините работи пронашла стара железна пегла на јаглен, објави хрватскиот портал Дневно.
- Баба ми еднаш ме научи како да ја користам. Се сеќавам дека беше ужасно тешко да се пегла со неа, таа навистина се мачеше. Им се восхитувам на жените што ја користеле, веројатно немаше да имам трпение - рекла таа.
Подоцна, таа открила дека ваквите пегли, кои некогаш биле неопходен дел од секое домаќинство, денес имаат сосема поинаква вредност. Тие се продаваат за цени што се движат од 10 до неверојатни 1.500 евра.
Како функционирале пеглите на јаглен?
Направени од леано железо, овие масивни пегли имале капак во кој се ставал топол јаглен или жар. Тежината од неколку килограми ја притискала ткаенината, додека дрвената рачка служела за да се спречи изгорување на рацете. Пред да пристигне електричната енергија во селата, честопати само едно семејство во соседството имало пегла, па сите заедно ја позајмувале кога требало да изгледаат уредно за патување до градот или на лекар.
Со појавата на електричните пегли на почетокот на 20 век, овие „железни дами“ полека исчезнале од употреба, но во некои делови од Југославија преживеале до 1960-тите.
Денес, меѓутоа, тие се барани колекционерски предмети, а ако имате среќа да најдете една на таван - би можеле да заработите не мала сума.