Данците со помош на апликации ги бојкотираат американските производи во супермаркетите

22.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Данците со помош на апликации ги бојкотираат американските производи во супермаркетите

Гневот во Данска поради спорот со САД во врска со Гренланд се шири и низ супермаркетите, при што некои потрошувачи избираат да ги бојкотираат американските производи, јави ДПА.

Стоките од САД сè повеќе се изоставуваат од списоците за купување, а новите апликации за паметни телефони им овозможуваат на купувачите да скенираат прехранбени производи за да го проверат нивното потекло. Таква апликација е и „УденУСА“ ('UdenUSA' - 'Без САД'). Ја развиле 21-годишниот Јонас Пипер од Данска и неговиот пријател Малте Хенсберг, чија замисла го доби својот облик лани, кога американскиот претседател Доналд Трамп првпат сериозно се закани дека ќе ја преземе контролата врз во голема мера автономната арктичка територија Гренланд, којашто сепак, е под врховна власт на Кралството Данска.

Бран протести во Данска во тоа време доведоа до создавање Фејсбук-група посветена на бојкот на стоките од САД. Групата сега има повеќе од 100.000 членови, во држава со околу шест милиони луѓе.

Пипер изјави за ДПА, дека многу потрошувачи сакаат да престанат да купуваат храна од САД, но честопати им е тешко да го идентификуваат потеклото на производите во супермаркет. Според него, апликацијата има за цел да го реши тоа со означување на земјата на потекло и предлага алтернативи од европски производители.

До денеска „УденУСА“ се рангираше на прво место меѓу бесплатните апликации во „Ап стор“ (App Store) во Данска.

Целокупното влијание на бојкотот останува неизвесно. Економијата на Данска е релативно мала и само ограничен број прехранбени производи се увезуваат директно од САД. Дури и ако значителен број потрошувачи избегнуваат американски стоки, ова веројатно нема да резултира со значајни економски или политички последици, според Саша Рајтел - професор по маркетинг на германскиот Слободен универзитет во Берлин. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата