Дали Калифорнија воведува данок за милијардерите? „И онака не го плаќаат – немаме што да изгубиме“

15.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дали Калифорнија воведува данок за милијардерите? „И онака не го плаќаат – немаме што да изгубиме“

Во американската сојузна држава Калифорнија е во тек гласањето на среднорочните избори, а за три недели гласачите ќе одлучуваат на референдум кој би можел да има последици за остатокот од Соединетите Држави: дали милијардерите треба да се оданочуваат врз основа на нивното богатство?

Според новинската агенција АФП, предлогот предвидува оданочување на околу 200 милијардери во оваа сојузна држава, со стапка од пет отсто од нивната нето-вредност.

Собраните средства би биле наменети за јавниот здравствен систем, на кој се потпираат половина од жителите на Калифорнија. Овој систем моментално е под притисок поради значителните кратења на федералните средства, воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.

Поддржувачите на оваа мерка се надеваат дека таа ќе послужи како поттик за слични иницијативи и во други делови на САД, во услови на растечко незадоволство поради продлабочувањето на нееднаквоста и брзото трупање богатство кај технолошките милијардери, како што е Илон Маск.

Привремениот данок е „само капка во морето на нивното богатство“, изјави за АФП Лорен Фирман, пензиониран графички дизајнер која користи „Медикер“ (Medicare) – здравствено осигурување за лица постари од 65 години. „За нив тоа не значи многу, но за луѓето на кои им е потребна здравствена заштита, тоа значи сè“, додаде таа. Сепак, референдумот предизвикува загриженост во Силиконската долина.

Меѓу противниците на предлогот, наречен „Предлог 40“ (Proposition 40), е и ко-основачот на „Гугл“, Сергеј Брин, кој донирал повеќе од 205 милиони долари за кампањата против него.

Во телевизиските реклами, противниците постојано предупредуваат дека привремениот данок би можел да стане траен, што би ги натерало најбогатите жители да ја напуштат Калифорнија и би довело до намалување на даночните приходи на сојузната држава.

Покрај милијардерите, и други влијателни личности се спротивставуваат на предлогот, вклучително и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. По повеќе од седум години на чело на сојузната држава, овој демократ – кој има претседателски амбиции за 2028 година – официјално ги повикува гласачите да гласаат против оваа мерка.

Моќниот синдикат „Обединети домашни работници“ (United Domestic Workers), кој застапува 250.000 лица што работат како негуватели во домовите или се грижат за деца, исто така ги повика своите членови да гласаат против предлогот.

Од синдикатот тврдат дека еднократниот данок, наменет за здравствениот систем, долгорочно нема да го покрие дефицитот од повеќе милијарди долари во буџетот на Калифорнија. Сепак, оваа идеја не е нова. Во текот на изминатите 15 години, Калифорнија во три наврати се обиде да ги зголеми даноците за најбогатите жители преку референдуми, но сите такви предлози беа одбиени.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата