Сè повеќе луѓе во земјата успеваат повторно да се поврзат користејќи виртуелни приватни мрежи (VPN), кои служат како алтернативни дигитални „тунели“ до интернет, пренесе ДПА.
Жителите на поголемите ирански градови известуваат дека некои апликации и веб-страници се одблокирани. Организацијата NetBlocks, специјализирана за прекини на интернетот, денеска на Х соопшти дека блокадата трае веќе 18 дена и оти со неа се „прикрива обемот на смртоносното задушување на цивилите“.
Иранските безбедносни сили ја воведоа блокадата вечерта на 8 јануари, кога големи маси луѓе протестираа против економската криза и исламскиот систем на управување во земјата. Властите одговорија со брутално задушување во текот на две ноќи.
Според магазинот „Тајм“, кој цитира двајца неименувани високи функционери од иранското Министерство за здравство, бројот на загинати би можел да достигне и до 30.000 луѓе. Новинската агенција на активистите за човекови права во Иран (HRANA) вчера соопшти дека бројот на убиени е речиси 6.000.
Анализата на Critical Threats Project (CTP) укажува дека забраната за интернет предизвикала дебата во раководството на земјата. Некои стравуваат дека враќањето на пристапот би можело да поттикне нови протести, додека други предупредуваат дека економската штета предизвикана од блокадата би можела да поттикне немири.
Претседателот на иранската Комора за трговија и индустрија, Голамхосеин Шафеи, неодамна во изјава за порталот Asre-Eghtesad предупреди на непредвидливи последици за економијата. Шафеи рече дека повеќе од 400.000 компании ризикуваат да бидат затворени поради прекинот на интернетот. Доколку ова продолжи, во прашање е егзистенцијата на околу девет милиони вработени.

