Американското Министерство за правда објави нов пакет документи за Епштајн

23.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Американското Министерство за правда објави нов пакет документи за Епштајн

Од петокот тоа е осмо објавување на документи од истрагата против Епштајн.

Претседателот на САД, Доналд Трамп првпат ги коментираше објавените документи, истакнувајќи оти тоа е обид да се одвлече вниманието од постигнувањата на неговата Републиканска партија.

- Најверојатно ќе се објавуваат фотографии од други луѓе кои пред многу години, многу одамна невино се запознале со Џефри Епштајн, а станува збор за угледни банкари, адвокати и други. Но, тие се на фотографиите со него бидејќи бил на некоја забава, а со тоа на некого му се нарушува угледот, истакна Трамп.

Тој постојано негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн, наведувајќи дека биле пријатели до 2004 година.

Досиејата треба да откријат со кои моќни луѓе Епштајн се дружел пред да биде осуден во 2008 година за наведување малолетничка во проституција. Како и детали за неговото самоубиство во 2019 година во затворот во Менхетн откако беше уапсен за сексуални злосторства.

Епштајн во 2008 година постигна спогодба со обвинителите откако родителите на 14-годишно девојче пријавиле во полицијата во Флорида дека тој ја злоупотребил нивната ќерка во неговата вила во Палм Бич. Потоа беше осуден за подведување малолетник, регистриран како сексуален престапник, и благодарение на спогодба за признавање на вина, избегна построга затворска казна.

Единаесет години подоцна, тој беше обвинет за водење мрежа од малолетни девојки за обезбедување сексуални услуги. Почина во затвор чекајќи судење, а неговата смрт беше прогласена за самоубиство.

Посебна истрага беше спроведена и против неговата британска колешка и поранешна девојка Гилејн Максвел, која во 2021 година беше осудена за заговор со Епштајн за трговија со девојки за сексуални цели. И Епштајн и Максвел беа предмет на граѓански тужби. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата