- САД со Католичката црква координираат распределба на три милиони долари хуманитарна помош директно до луѓето во источна Куба, кои се најпогодени од уништувањето на ураганот, објави Канцеларијата на Стејт департментот за прашања на западната хемисфера на платформата Икс.
Ураганот Мелиса, кој на почетокот на оваа недела опустоши цели региони на Јамајка, го погоди источниот дел на Куба и ги поплави Хаити, при што загинаа речиси 60 луѓе на Карибите. На Куба беа евакуирани над 700.000 луѓе, но сè уште не се пријавени жртви.
САД пред повеќе од шест децении воведоа економско ембарго врз Куба, но Стејт департментот изрази подготвеност да обезбеди „итна хуманитарна помош директно и преку локалните партнери“, заобиколувајќи ја Владата во Хавана, која ја нарече „недостојна“.
- Доколку таа (американската) администрација навистина сакаше да го поддржи нашиот народ, безусловно ќе ја укинеше криминалната блокада (ембарго) и ќе нè тргнеше од листата на држави спонзори на тероризмот, каде што никогаш не требаше да бидеме, изјави членот на Политичкото биро на Комунистичката партија на Куба, Роберто Моралес Охеда.
САД на крајот на 2021 година повторно ја вклучија Куба на својата листа на држави спонзори на тероризмот, што доведе до зајакнување на ембаргото.
Поранешниот американски претседател Џо Бајден ја отстрани Куба од таа листа една недела пред да ја напушти Белата куќа, но Трамп брзо ја врати земјата на листата „држави спонзори на тероризмот.
Во минатото, Католичката црква редовно беше посредник помеѓу Хавана и Вашингтон.
САД мобилизираа тимови за помош и во Доминиканската Република, Јамајка, Бахамите и Хаити.
Венецуела, Мексико и ОН испратија помош на Куба.

