Двајца активисти на невладината организација Гринпис (Greenpeace) упаднаа на бината на почетокот на Самитот за нуклеарна енергија, што се одржува во околината на Париз и ги прекинаа францускиот претседател Емануел Макрон и директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси додека ги поздравуваа учесниците.
Активистите истакнаа транспаренти со логото на Гринпис на кои пишуваше „Нуклеарна енергија = енергетска несигурност“ и „Нуклеарната енергија ја поттикнува Русија на војна“.
Еден од активистите го праша Макрон: „Зошто и понатаму купуваме ураниум од Русија?“, а францускиот претседател изјави: „Ние сами произведуваме нуклеарна енергија“.
Претходно, околу 15 активисти на Гринпис ги блокираа конвоите што пристигнуваа на Санитот во Булоњ-Бијанкур, предградие на Париз.
За француската огранок на Гринпис, одржувањето на таков Самит е анахронизам, настан, што целосно е надвор од допирот со реалноста и лекциите што треба да се научат од трагичните ситуации на руската агресија врз Украина, нападот врз Иран и ефектите од влошувањето на климатските нарушувања, се наведува во соопштението на организацијата.
Франција, една од водечките светски цивилни нуклеарни сили со своите 57 реактори, денеска е домаќин на вториот Самитот за нуклеарна енергија,на кој лидерите од околу 40 држави, меѓу кои САД и Кина, како и земјите од Г7, ја промовираат нуклеарната енергија.Но, Русија, суперсила во нуклеарниот сектор, не присуствува поради војната во Украина.
Првиот самит беше одржан во Брисел во 2024 година, а вториот е значаен поради што годинава се одбележува 15-годишнината од несреќата во Фукушима и 40 годишни од катастрофата во Чернобил.
Нуклеарната енергија ја изгуби популарноста по катастрофата во Фукушима во 2011 година, а секторот сега повторно буди интерес низ целиот свет. Заживувањето беше поттикнато од загриженоста за енергетскиот суверенитет, потребата од декарбонизација на енергијата, борбата против климатските промени и растот на вештачката интелигенција.
Денес нуклеарната енергија сочинува 10 проценти од светското производство на електрична енергија, со 450 реактори во околу триесет земји.
- Во интерес на европските земји, заради нивната енергетска безбедност и суверенитет, треба дополнително да ги развиваат своите обновливи извори на енергија – сонце, ветер и други и да почнат да се враќаат кон нуклеарната енергија, нагласи извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (МААЕ), Фатих Бирол.

