Според поднесените документи, Габана ја известил компанијата за одлуката во декември, а промената стапила во сила од 1 јануари. Главниот извршен директор Алфонсо Долче ја презеде функцијата, јави денеска ДПА.
Компанијата нагласи дека повлекувањето од управувачките позиции не влијае врз креативната работа на Габана, кој ќе продолжи да ги обликува колекциите заедно со Доменико Долче – партнерство што ја дефинира естетиката на брендот веќе четири децении.
Ова следи по одбележувањето на 40-годишнината на брендот и во период кога миланската куќа го проширува своето делување во сфери како угостителство, ентериер и брендирани искуства, покрај модните ревии.
Медиумските извештаи укажуваат и на разговори со кредитори и можност за нови инвестиции, во услови кога луксузниот сектор се прилагодува на променливата глобална побарувачка. Компанијата не даде детални коментари за финансиската состојба.
Габана, наводно, разгледува опции во врска со својот удел, но останува активно вклучен во иднината на брендот.
Основана во Милано во 1985 година од Доменико Долче и Стефано Габана, модната куќа се прослави со впечатлива италијанска визија за гламур.
Дизајнерското дуо стана препознатливо по естетика инспирирана од медитеранската сензуалност, сицилијанската култура, католичката иконографија и италијанскиот филм.
Клучен момент за глобалниот успех беше соработката со поп-иконата Мадона, која носеше нивни креации и им довери дизајн на костимите за турнејата „Girlie Show“ во 1993 година.
Денес, „Долче и Габана“ опфаќа конфекција, аксесоари, козметика и висока мода, со колекциите „Алта Мода“ и „Алта Сарторија“ како врв на италијанскиот дизајн.
И покрај промените во управувањето, брендот останува креативно воден од основачите.

