Продукциската куќа „Парамаунт“ (Paramount) ќе ја спои својата стрим-услуга „Парамаунт +“ со „ХБО макс“, по успешната понуда за купување на „Ворнер брос дискавери“ (Warner Bros Discovery), изјави вчера извршниот директор на „Парамаунт“, Дејвид Елисон.
Тој додаде дека компаниите планираат да ги комбинираат своите портфолија за стрим-услуги во една платформа во текот на наредните години. Заедно, двете платформи во мигов имаат повеќе од 200 милиони претплатници во над 100 земји, иако се очекува одредено преклопување да ја намали таа бројка откако ќе заврши спојувањето. „Парамаунт“ го заврши четвртото тримесечје со 78,9 милиони претплатници, а „Ворнер“ пријавила 131,6 милиони претплатници, пренесе ДПА.
За споредба, „Нетфликс“ неодамна надмина 325 милиони претплатници.
Унифицираната услуга би ги обединила големите франшизи, вклучувајќи ги „Игра на тронови“, „Сопранови“, „Јелоустоун“ и „Ѕвездени патеки“ на една платформа.
Елисон не објави име за новата платформа, што би означило ребрендирање за „ХБО макс“. Како дел од трансакцијата, „Парамаунт“ ќе го купи и американскиот радиодифузер „Си-ен-ен“. Извршниот директор рече дека засега „Парамаунт“ нема намера за продажба на кабелските средства.
Планираното спојување на „Парамаунт“ со „Ворнер брос“ следи по натпреварот со „Нетфликс“. Откако одлучи дека „финансиските услови на договорот веќе не се привлечни“, „Нетфликс“ на крајот се откажа од борбата за купување на „Ворнер“.

