Мајкл Даглас пишува автобиографија

19.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мајкл Даглас пишува автобиографија

„Здраво на сите! Имам неколку возбудливи вести да ги споделам со вас. Пишувам книга, со голема помош од Мајк Флеминг Помладиот. Го почнавме ова патување пред околу шест месеци и со возбуда објавувам дека книгата ќе биде објавена на 6 октомври“, напиша холивудскиот актер до своето видеообраќање.

Глумецот и продуцент од Њу Џерси, кој во септември лани го прослави 81. роденден, натаму вели дека сѐ тоа му вратило многу спомени, и оти сѐ уште помни доволно.

- Има многу што да се каже - пред да заборавам... Се надевам, ќе уживате читајќи ја и ќе ви даде мал увид во она што го правев изминативе над 80 години, порача тој.

Подоцна, во изјава за американските медиуми, тој рече дека нема да прескокне ништо во својата книга.

- По години прашување, конечно решив дека е време да ја раскажам мојата приказна според мои услови. Не преку кадар од филмското платно, ниту обликуван од наслови и бројки на билетарниците, туку онаа вистинската работа. Живеев живот кој беше и јавен и длабоко приватен, а во тоа има голема разлика. Ова е приказната за тоа од каде доаѓам, со што се соочив и изборот што го направив. Славата понекогаш може да ја засени вистината, а ова е мој обид да ја вратам во фокусот, изјави Даглас.

Холивудскиот ветеран зад себе има улоги во над 70 филмски и ТВ-проекти, како и два „Оскари“ и 60-тина други награди. Минатата 2025 година беше актуелен со семејната драма „Поглед низ водата“ (Looking Through Water), а ќе глуми и во историската мини серија „Реган и Горбачев“ којашто сѐ уште не е завршена. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата