Христијан Настески – Пајак, во ексклузивно интервју за Канал 5: На македонската сцена ѝ треба повеќе креативна храброст - младите треба да бидат свои, а не да копираат туѓ стил

6.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Христијан Настески – Пајак, во ексклузивно интервју за Канал 5: На македонската сцена ѝ треба повеќе креативна храброст - младите треба да бидат свои, а не да копираат туѓ стил

Во интервју за Канал 5, Пајак зборува искрено и со ентузијазам за тоа што моментално го движи, како ја доживува музиката и што ја прави неговата уметност толку блиска до публиката.

Во моментов, целиот тим на Пајак е посветен на создавање нова музика. Со возбуда ни откри дека тие денови не се обични работни денови - тие се исполнети со идеи, проби, експерименти и многу љубов кон звукот.

„Можам ексклузивно да ви откријам,“ вели тој, „дека работиме на нов албум, кој би требало да излезе следната година. Ова е еден нов почеток за нас и нешто што со нетрпение го очекуваме да го споделиме со сите“.

Го прашавме како успева секогаш да остане оригинален и препознатлив, а тој објасни дека тајната е во искуството и посветеноста.

„Тоа е комбинација од долгогодишни настапи и продукциско искуство, но и многу истражување, не само на македонскиот, туку и на регионалниот музички пазар“, вели Пајак.

„Секогаш се трудам да ја правам музиката која ја сакам, бидејќи токму преку таа искреност мојата публика ме препознава“.

Инспирацијата, додава тој, не доаѓа само од големите моменти, туку и од секојдневието.

„Секој момент, концерт, патување или било кое друго искуство е инспирација за сè што правам“, раскажува Пајак.

„Се трудам преку песните да допрам длабоко до срцата на луѓето, преку реални искуства - било да се мои или на оние што ме опкружуваат. Тоа е суштината на мојата музика“.

Го прашавме и што е она што би сакал да сподели за себе пред публиката, а таа сè уште не го знае.

 „Малкумина знаат дека учествувам во сите фази на проектите - од продукција, текст и аранжман, до постпродукција. Тоа е делот кој најмногу ме исполнува“, открива Пајак.

„Токму тоа учество од почеток докрај ми овозможува да ја задржам автентичноста во секоја песна“.

Кога станува збор за домашната сцена, Пајак со јасен став посочува дека ѝ недостига повеќе продукција и охрабрување за младите артисти.

„На македонската сцена ѝ треба повеќе креативна храброст. Младите треба да бидат свои, а не да копираат туѓ стил. Нема ништо поубаво од тоа да ја претвориш својата мисла или чувство во дело што ќе допре до луѓето“.

Го прашавме и за меѓународните музички трендови и дали некои од нив го инспирираат. Пајак смета дека денес сите трендови се достапни благодарение на социјалните мрежи, но важно е како ги прифаќаме.

„Сè зависи од тоа што ние како публика сакаме да прифатиме како тренд и дали тоа носи нешто позитивно. Во мојата музика секогаш се чувствуваат најновите трендови, но пренесени на начин кој ја задржува мојата енергија и македонскиот дух“, објаснува тој.

Особено горд е на својата соработка со Елвир и Јован, имиња кои оставија длабока трага на македонската музичка сцена.

„Тоа се дел од моите најдраги соработки“, признава Пајак.

„Голема чест е да работам со луѓе кои некогаш ми биле идоли, а денес се дел од мојот тим. Не можам да кажам дека јас ги вратив на сцената - тие секогаш биле дел од неа. Нивната музика има трајни вредности за повеќе генерации, а јас само сакам да го продолжам тој дух заедно со нив. Очекувајте повеќе заеднички песни и проекти во блиска иднина“.

Со скромност, но и силна уметничка визија, Пајак останува пример за млад артист кој не се плаши да биде свој, да сонува големи соништа и да ја раскажува својата вистина преку музика. Со интервјуто за Канал 5, само уште еднаш потврдува дека вистинската оригиналност не се учи - се живее.

Новинар: Цеце Николова

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата