Ќерката на Мајкл Џексон бара 600 милиони долари од оставината на нејзиниот татко, 17 год. чека за исплата

4.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ќерката на Мајкл Џексон бара 600 милиони долари од оставината на нејзиниот татко, 17 год. чека за исплата

Таа наведува дека поминале повеќе од 17 години од смртта на  нејзиниот татко, славниот пејач, а парите што требало да им припаднат на неговите деца сè уште не се префрлени во фондот.

Фондот бил основан во корист на неговите три деца, а тие требало да почнат да добиваат приходи кога ќе наполнат 21 година.

Во нов судски поднесок, доставен на 29 октомври, 28-годишната Парис наведува дека имотот на нејзиниот татко генерирал приходи во износ од милијарди долари по неговата смрт во 2009 година, но дека семејниот фонд – формиран за да ја обезбеди иднината на неговите деца – останал без средства.

Според магазинот „Пипл“ (People), таа побарала од судија во Лос Анџелес да одобри делумен пренос на средства во фондот на Мајкл Џексон.

Фондот е основан за добробит на неговите три деца: Принс (29), Парис и Биги (24). Според одредбите, наследниците требало да почнат да добиваат приходи од своите удели кога ќе наполнат 21 година. Исто така, предвидено е тие да добијат делови од средствата на возраст од 30, 35 и 40 години.

Парис, сепак, тврди дека таквата распределба не се случила онака како што замислил нејзиниот татко.

„Повеќе од 17 години по неговата смрт, семејниот фонд на Мајкл Џексон сè уште не е финансиран“, се наведува во судскиот поднесок.

Во документите се наведува дека Принс наближува кон својот 30-ти роденден, додека Парис во април ќе наполни 29 години, а Биги во февруари ќе наполни 25 години.

Нејзиниот правен застапник смета дека, поради отсуството на уплати во фондот, братот и сестрите сè уште зависат од одлуките на извршителот на тестаментот, Џон Бранка, кој одлучува кога и колку пари ќе добијат тие.

Адвокатите на Парис Џексон наведуваат дека имотот на нејзиниот татко остварил значителни приходи благодарение на бројни деловни зделки и продажба на имот.

Тука спаѓаат продажбата на удел во „EMI Music Publishing“ за 287,5 милиони долари во 2018 година, продажбата на ранчот „Неверленд“ за 22 милиони долари во 2020 година, како и договорот со „Sony“ од 2023 година, кој се однесува на музиката на Мајкл и други права на интелектуална сопственост.

Според поднесениот документ, овие трансакции генерирале повеќе од 1 милијарда долари во готовина, пред оданочување и покривање на трошоците. Извршителите на тестаментот претходно ја процениле вредноста на оставината на износ помеѓу две и три милијарди долари. Адвокатите се повикаа и на финансискиот извештај, според кој, во декември 2024 година, оставината располагала со околу 850 милиони долари во готовина и готовински еквиваленти.

Откако ќе се земат предвид потенцијалните обврски, Парис смета дека на располагање би можеле да бидат околу 600 милиони долари за уплата во семејниот труст.

Во документот се спомнува и ветувањето на извршителите од 2011 година, кога пред судот изјавиле дека размислуваат да поднесат посебно барање за распределба на средствата. Правниот тим на Парис Џексон тврди дека такво барање никогаш не било поднесено.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата