Ерик Клептон го прекина концертот во Мадрид, откако од публиката кон него фрлија предмет (ВИДЕО)

13.05.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ерик Клептон го прекина концертот во Мадрид, откако од публиката кон него фрлија предмет (ВИДЕО)

Инцидентот се случил на 7 мај во арената „Мовистар“, кон крајот на концертот, веднаш по изведбата на хитот „Кокаин“, објавува „Индипендент“.

Според очевидци, непознато лице фрлило винил плоча кон сцената, која го погодила 81-годишниот музичар во градите.

Клептон не бил повреден, но изгледал потресен, по што ја напуштил сцената и не се вратил за планираниот бис, за време на кој требало да изведе преработка на песната „Before You Accuse Me“ од Бо Дидли.

Официјалната веб-страница на уметникот објави дека музичарот е добро, со апел до публиката да не фрла предмети на сцената, бидејќи тоа би можело да ги загрози изведувачите, членовите на екипата и посетителите.

„Ерик е добро. И ние сме фанови и разбираме дека сите се возбудени што се на концертот, но ве молиме не фрлајте ништо на сцената. Може сериозно да повредите некого од бендот, екипата, персоналот на местото на одржување или дури и друг посетител на концертот“, се вели во соопштението.

Турнејата на Ерик Клептон продолжи неколку дена подоцна со концерт во Барселона, без инциденти.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата