Промоцијата се одржа во Лос Анџелес и привлече голем број познати личности. За време на настанот, Деп изјави за медиумите дека неговиот рум е „100 проценти одобрен“ од Капетан Џек Спароу, ликот што го прослави ширум светот.

- Се плашам дека е така, изјави Деп, имитирајќи го познатиот пират, додавајќи: „Тој е таму дури и сега.“
Според информациите објавени од американското списание Пипл (People), румот зрее пет години во буриња кои претходно биле користени за бурбон, со додаток на Олоросо вино. Потоа, пијалакот се префрла во буриња во кои претходно имало коњак, каде што зрее уште две години. Посетителите на промоцијата имаа можност да го дегустираат румот, како и специјално подготвените коктели за оваа пригода. Меѓу нив беше „3 Hearts Libre“, кој содржи Кока кола, со вкус на цреша – ванила и свежа лимета, како и „Charred Piña Mojito“, послужен во комбинација со шкампи на скара и печен ананас.

Деп ја објасни симболиката за името на брендот, истакнувајќи дека „трите срца“ ја претставуваат неговата поранешна партнерка и нивните деца – Ванеса Паради, нивната ќерка Лили-Роуз Деп и нивниот син Џек Деп. Тој додаде дека членовите на неговото семејство веќе го пробале румот и реагирале позитивно. Актерот нагласи дека со овој проект има намера да им даде поддршка на луѓето во карипскиот регион, кои често се соочуваат со последици од разорни урагани и тропски бури.
Румот „Три срца“ се произведува во Доминиканска Република, а мотото на брендот гласи: „Без страв. Без злоба. Без завист.“
Цената на едно шише изнесува околу 69,99 американски долари, а производот е достапен за купување преку официјалната веб-страница на брендот.

