Документарецот за Меланија Трамп со рекордна заработка по првиот викенд

2.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Документарецот за Меланија Трамп со рекордна заработка по првиот викенд

 Документарниот филм за првата дама на САД, Меланија Трамп, е на добар пат да оствари приход од осум милиони долари првиот викенд по почетокот на прикажувањето, што е највисока заработка во тој поглед, за документарец во САД по повеќе од 10 години.

Светската премиера на филмот „Меланија“ се случи во петокот, а меѓу гледачите преовладуваа жени и лица над 55 години, кои му донесоа 70 отсто од приходите на филмот. Според „Холивуд репортер“, филмот е хит кај конзервативците во јужните американски држави, особено кај жените над 55 години. Претходно, медиумската компанија „Пак“, повикувајќи се на податоци од Националната истражувачка група (НРГ), објави дека документарецот, со вкупен буџет од 75 милиони долари, би можел да заработи околу пет милиони долари во првиот викенд во САД и Канада.

Филмот, продуциран од „Амазон ем-џи-ем студиос“ (Amazon MGM Studios), во режија на Брет Ратнер, го следи животот на првата дама пред инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во 2025 година и ги доловува најзначајните мигови „зад сцената“ во Белата куќа, објави „Фокс њуз“ (Fox News).

Документарецот, инаку, е и деби-проект на новата филмска продукциска компанија на Меланија - „Мјуз филмс“ (Muse Films). Пред премиерата што се одржа во културниот „Трамп - Кенеди центар“ во Вашингтон претседателот Трамп нагласи дека првата дама „денес е поотворена“. Документарецот „Меланија“ говори за работата на првата дама, нејзините филантропски потфати и нејзиниот семеен живот додека се подготвува да стане прва дама на САД по вторпат.

Просечната оценка на ИМДБ засега е 1,3 /10, од вкупно 22.000 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 10 отсто од критичарите, и 99 отсто од гледачите.  

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата