Инаку, 43-годишниот доктор претходно призна дека го снабдил глумецот со анестетичкиот лек „Кетамин“, изрази каење и се изјасни за виновен. Во замена за неговото признавање, дополнителните обвиненија беа отфрлени. Обвинителите го обвинија лекарот дека неколкупати набавувал од тој медикамент за Пери - меѓу 30 септември и 12 октомври 2023 година.
Во неколку случаи, се вели, докторот му го инјектирал лекот на Пери. Наводно, тој добил и неколку илјади долари за тоа.
Сепак, според обвинителите, „Кетаминот“ што на крајот ја предизвикал смртта на Пери, не дошол лично од д-р Пласенсија.
Пери беше пронајден мртов на 28 октомври 2023 година, на 54-годишна возраст, во џакузито во неговиот дом во Лос Анџелес. Тој стана светски познат преку американската телевизиска серија „Пријатели“, во којашто глумеше заедно со Кортни Кокс, Мет Лебланк, Џенифер Анистон, Лиза Кудроу и Дејвид Швимер.
Глумецот јавно зборуваше за својата борба со зависноста. Според извештаите, тој бил подложен и на терапија под медицински надзор поради депресија и анксиозност. Исто така, наводно ја набавувал дрогата на црниот пазар. „Кетаминот“ е анестетик и може да се користи, под одредени услови, за лекување депресија отпорна на третман. Некои посетители на забави го користат како нелегална дрога. Според канцеларијата на медицинскиот испитувач на округот Лос Анџелес, Пери починал од акутните ефекти на „Кетаминот“, а за тоа придонело и давењето, срцевите заболувања на глумецот и ефектите од лек за зависност од опиоиди. Неговата смрт беше прогласена за несреќа.
Полицијата и обвинителите поднесоа сериозни обвиненија против пет лица уапсени по смртта на Пери. Тројца од нив - уште еден лекар, асистент и пријател на актерот се изјаснија за виновни минатата година.

