Во текот на 2024 година вкупно 2.017 малолетници во Белгија биле испратени на престој во казнена институција поради сторени кривични дела, што претставува зголемување за 12 проценти споредено со претходната година, покажуваат податоците на агенцијата за заштита на правата на децата и младите „Растеме“ на фламанската Регионална влада.
Меѓу нив, повеќе од 100 биле на возраст под 14 години, што според полицијата, укажува дека криминалните, пред се нарко групи, се повеќе регрутираат млади луѓе ветувајќи им брза заработка на пари.
Речиси 70 проценти од казнените малолетници извршиле „сериозно кривично дело“, што претставува зголемување за 20 проценти во споредба со 2023 година.
Според белгиското законодавство, лица на возраст меѓу 12 и 18 години немаат кривична одговорност, туку се гонат за „малолетнички прекршоци“, за што можат да бидат сместени во казнено-поправна институција за малолетници.
Портпаролот на „Растеме“, Нилс Хеселманс изјави дека судиите во малолетничките судови често одлучуваат овие малолетни прекршители да ги казнат со краток престој во поправна институција во траење до 14 дена.
Податоците на „Растеме“ укажуваат дека малолетниците најчесто се казнуваат за прекршоци поврзани со дрога, по што следат делата „насилна кражба“, „намерен напад“ и „тепачка“.
- Меѓутоа, многу често и овие насилни прекршоци или кражби се поврзани со кривични дела со дрога, изјави Хеселманс.