Земјата се распука во Мјанмар по земјотресот од 7,7 степени, објавени се нови снимки (ВИДЕО)

14.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Земјата се распука во Мјанмар по земјотресот од 7,7 степени, објавени се нови снимки (ВИДЕО)

Видеото доловува пукање на земјата, ситуација кога пукнатина во Земјината кора се пробива на површината, за време на силен земјотрес. Земјотрес со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала се случи на 28 март во 12:50 часот по локално време и беше почувствуван дури до Тајланд. Загинаа речиси 5.500 луѓе.

Снимката, објавена на Фејсбук од сингапурскиот инженер Хтин Аунг, доаѓа од соларната фарма Тапјава, управувана од GP Energy Myanmar, која се наоѓа во близина на градот Тази.

Камерата се насочува кон метална и бетонска порта, која почнува да се тресе и лизга додека земјата почнува да се поместува. Околу 14-тата секунда, се појавува пукнатина што се шири низ патеката и дворот, а земјата буквално се расцепува.

„Навистина е вознемирувачки“, рече Џон Видејл, сеизмолог на Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Тој за „Лајв саенс“ изјави дека не знае за друго видео што толку јасно го покажува овој вид на расцепување на земјата. Рик Астер, геофизичар на Државниот универзитет во Колорадо, се согласи.

„Според моите сознанија, ова е најдоброто видео што го имаме од површинско пукање од голем земјотрес“, рече Астер.

Земјотресот во Мјанмар се случил по должината на раседот Сагаинг, кој се наоѓа помеѓу микроплочите на Бурма и Сунда, две помали тектонски плочи. Овој расед се протега низ централниот дел на Мјанмар по права линија од север кон југ. Ова е таканаречен трансформативен расед, сличен на познатиот расед Сан Андреас во Калифорнија, каде што плочите се движат една покрај друга во спротивни насоки.

Епицентарот на земјотресот се наоѓал северно од локацијата прикажана на видеото, во близина на градот Мандалај. Потоа расцепот се проширил и на север и на југ, создавајќи пукнатини по целата должина на раседот.

„Делот од Земјата што буквално се движи од една на друга страна оди од површината сè до длабочина од 20 до 30 километри“, објасни Астер. Под таа длабочина, кората е поеластична и се деформира повеќе отколку што пука.

Првиот потрес што се гледа на снимката доаѓа од сеизмички бранови, кои брзо се шират од епицентарот, според Видале. Потоа доаѓа вистинското расцепување на земјата.

Сеизмолозите прецизно ги мерат ваквите руптури користејќи GPS станици кои ги детектираат дури и најмалите движења на Земјината кора, потврди Рик Астер. Тие исто така често спроведуваат теренски истражувања за да пронајдат физички докази за пукнатини по земјотреси.

„Но, ние навистина не ја разбираме целосно динамиката на тие настани, точно како се движи Земјата“, рече Астер.

Според него, ова видео би можело да биде од голема корист за научниците кои се обидуваат да ја разберат оваа необична динамика.

„Не се сомневам дека сеизмолозите ќе го анализираат овој материјал многу внимателно. Веројатно ќе резултира со некаков вид научна публикација, доколку локацијата и другите детали се прецизно утврдени“, рече Астер.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата