Во изјава за „Скај њуз“, Зеленски истакнал дека најважно е тоа што Трамп може да организира трилатерална средба на која би се разговарало за „сите чувствителни теми“ што би можеле да придонесат за завршување на војната.
На прашањето дали е подготвен да се сретне со Путин, Зеленски одговори дека е „подготвен“ и оти средбата би можела да се одржи „во секое време, кога сите страни ќе бидат подготвени“.
Зеленски изјави дека Трамп не му поставил никакви барања за време на денешниот разговор, но напомена дека двајцата лидери претходно разговарале за барањата на Вашингтон кон Киев.
Зборувајќи за разговорот со Трамп, Зеленски рече дека разговарале и за можноста за енергетско примирје меѓу Украина и Русија. Тој изјави дека Киев е подготвен за каков било формат на такво примирје, под услов Русија да не го напаѓа украинскиот енергетски систем. „Подготвени сме за каков било формат на енергетско примирје... За сè што е поврзано со енергетиката, сè“, рече Зеленски. Тој им се заблагодари на Трамп и на американските власти и додаде дека Вашингтон ќе ја пренесе позицијата на Киев до Москва.

