Зеленски и европските лидери му се јавија на Трамп од Киев

10.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски и европските лидери му се јавија на Трамп од Киев

Тема на разговорот беше можноста за постигнување мировен договор со Русија.

Кир Стармер, Емануел Макрон и Фридрих Мерц пристигнаа во Киев со истиот воз, додека полскиот премиер Доналд Туск пристигна одделно. Тие одржаа состанок со Зеленски во центарот на Киев, по што се придружија на заеднички телефонски разговор со Трамп.

„Сите лидери имаа суштински разговор со претседателот на САД, фокусиран на мировните напори“, објави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на социјалната мрежа X, заедно со фотографија од петте лидери како стојат околу мобилен телефон на звучник.

Според агенцијата ПА, разговорот меѓу Зеленски, четворица европски лидери и Доналд Трамп бил непланиран, траел околу 20 минути, а извор од британската делегација го опишал како „срдечен“.

Украина нуди 30-дневен прекин на огнот, чекајќи одговор од Русија

Сибиха дополнително рече дека Украина и нејзините сојузници се подготвени веднаш, уште во понеделник, да прифатат целосно и безусловно примирје на копно, море и воздух, во траење од најмалку 30 дена. Доколку Русија се согласи и се обезбеди ефикасна контрола на прекинот на огнот, ова би можело, според Киев, да го отвори патот за сериозни мировни преговори.

Оваа симболична посета на Киев се случи само еден ден откако Владимир Путин одржа воена парада на Црвениот плоштад, а во исто време САД предупредија за разузнавачки информации кои укажуваат на можен голем воздушен напад врз Украина.

„Ние, лидерите на Франција, Германија, Полска и Обединетото Кралство, дојдовме во Киев за да изразиме солидарност со Украина против бруталната и нелегална руска инвазија“, се наведува во заедничка изјава на европските лидери.

На прес-конференција подоцна во текот на денот, четворицата европски лидери ќе го повторат својот повик за итно, безусловно 30-дневно примирје. Доналд Трамп и неговата администрација веќе изјавија дека ова би можел да биде првиот чекор кон траен мировен договор. Украина е подготвена да го спроведе договорот, но Русија сè уште не реагира.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата