Захарова: Промените во германската Влада не се битни за Русија

7.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Захарова: Промените во германската Влада не се битни за Русија

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова изјави дека промените во германската влада не се важни за Русија, нагласувајќи дека Германија во последните години во голема мера го губи својот суверенитет, авторитет и улога на меѓународната сцена. 

„Нема причина да се очекува подобрување на односите меѓу Москва и Берлин, особено со оглед на бројните милитантни и русофобични изјави на германски политичари. Руско-германските односи се уништени речиси до темел веќе долго време, благодарение на напорите на владата на (поранешниот канцелар) Олаф Шолц“, истакна Захарова, одговарајќи на прашање за формирањето нова влада во Германија. 

Таа додаде дека, иако постојат шпекулации за можни испораки на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина, постоењето на различни мислења меѓу сојузниците и партнерите на Германија може да го отежни донесувањето конечна одлука. 

Таа, исто така, потсети на претходните испораки на германска воена опрема во Украина, наведувајќи дека борбените возила „Пума“ и тенковите „Леопард“, „Таурус“ „нема да го спасат украинскиот режим на претседателот (Володимир) Зеленски“. 

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер вчера официјално го назначи Фридрих Мерц за нов германски канцелар, откако Мерц беше изгласан на таа позиција во Бундестагот и тоа во вториот круг од гласањето. За време на церемонијата во претседателската палата, Штајнмаер ги потврди и назначувањата на 17 министри во сојузната влада. Мерц е 10-ти канцелар на Германија.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата