Подготовката на убиство на рускиот претседател Владимир Путин и самото разгледување на таквите обиди се сметаат за сериозна закана за глобалната безбедност, изјави денеска претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин, на својот канал на Телеграм.
Володин нагласи дека секоја дискусија за убиство на рускиот лидер „е злосторство што може да доведе до почеток на нуклеарна војна“, пренесоа руските медиуми.
-Подготовка на атентат врз Путин, како и самата дискусија за тоа, е сериозна закана што може да предизвика почеток на нуклеарна војна, рече Володин и додаде дека сите мора да бидат свесни за сериозноста на борбата што Русија моментално ја води.
Според него, потребно е да се разберат размерите на предизвиците и заканите со кои се соочува Русија, а тоа подразбира одговорност.
Володин истакна дека Путин работи на зајакнување на земјата, постигнување мир и решавање на глобалните безбедносни прашања, притоа означувајќи го рускиот претседател за клучен адут на земјата.
Тој повика на темелна истрага за тврдењата на контроверзниот американски новинар Такер Карлсон, кој вчера излезе со тврдењето дека администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден се обидела да го убие Путин.
Карлсон тврдеше дека во последните два месеци од неговиот мандат, поранешниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, направил се што е можно за да ја забрза војната меѓу САД и Русија.