Планот вклучува масовна употреба на дронови со електронски блокирачи, со цел целосно блокирање на мрежата Starlink од воздух.
Според истражувањето спроведено од експерти од Универзитетот Жеџијанг и Пекиншкиот институт за технологија, Кина би можела да изврши целосна блокада на сателитскиот интернет Старлинк над Тајван користејќи помеѓу 1.000 и 2.000 специјално опремени дронови. Овие дронови би формирале таканаречен електромагнетен штит што би ја оневозможил комуникацијата со сателитите.
Студијата се базира на реални податоци од мрежата Starlink и го симулира однесувањето на сателитите над територијата на Тајван во период од 12 часа. Експертите тестирале комбинација од широкопојасни и насочени електронски блокирачи, распоредени во воздухот на растојание од неколку километри. Ова, барем теоретски, би создало континуиран ѕид од пречки што ги блокира сателитските сигнали.
Особена причина за загриженост за кинеските воени стратези е искуството од војната во Украина, каде што Starlink овозможи стабилна комуникација на украинските сили дури и во екстремни услови. Токму овој пример, според студијата, го принудил Пекинг сериозно да размисли како да ја неутрализира таквата технологија во евентуален иден конфликт.
Колку дронови се потребни за целосна блокада
Кинеските научници наведуваат дека во идеални услови, околу 935 совршено координирани јазли за попречување би биле доволни за да се прекине комуникацијата со сателитите Starlink над Тајван. Меѓутоа, во реални услови, каде што се користат поевтини и послаби дронови, бројот би требало да се зголеми на дури 2.000 летала.
Дроновите би летале на надморска височина помеѓу пет и десет километри, распоредени во мрежа што би ја покривала целата територија на Тајван. Електронскиот напад би бил динамичен, бидејќи самата мрежа Starlink постојано се менува како што сателитите се движат во орбитата.
Ова сценарио дополнително ги зголемува тензиите во регионот, особено имајќи предвид дека Кина развива и можност за сечење на подводни интернет кабли, што би можело да го остави Тајван без традиционалните комуникациски врски со остатокот од светот.
Тајван инвестира милијарди во одбрана од дронови
Тајван, кој е дом на клучни глобални технолошки компании како што се TSMC, Asus и MediaTek, во последните години брзо инвестира во системи против дронови и во сопствено воено производство. Тие дури размислуваат да изградат сопствена заштитна мрежа слична на израелската „Железна купола“, но прилагодена на заканите од воздухот и електромагнетниот спектар.
Експертите предупредуваат дека потенцијалниот конфликт околу Тајван би имал непроценливи последици за глобалното производство на чипови, бидејќи таму се произведуваат повеќето од најнапредните полупроводници во светот. Затоа, развојот на вакви технологии за електронско војување се смета не само за воена закана, туку и за сериозен удар врз светската економија.

