Во ЕУ се отстранети над 16,6 милиони фалсификувани играчки- може да предизвикаат задушување, посекотини и изгореници

27.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во ЕУ се отстранети над 16,6 милиони фалсификувани играчки- може да предизвикаат задушување, посекотини и изгореници

Во две големи операции спроведени во изминатите две години, од пазарот на Европската Унија се отстранети 16,6 милиони пакувања фалсификувани и штетни играчки, во вредност од 36,8 милиони евра, а 555 лица се пријавени кај судските и здравствените власти, објави Европол.

Во операцијата LUDUS IV (2023-2024), се запленети 8,4 милиони пакувања играчки, во вредност од околу 28,1 милиони евра, 125 лица се пријавени кај судските власти и 150 кај административните или здравствените власти.

Увезени по бродски патишта

Во втората операција LUDUS V (2024-2025), се запленети 8,2 милиони пакувања играчки, во вредност од околу 8,7 милиони евра, 86 лица се пријавени кај судските власти, а 194 лица се пријавени кај административните или здравствените власти.

Запленетите фалсификувани играчки се претежно увезени преку редовни бродски патишта, а многу од нив претставуваа разни опасности и ризици.

Додадено е дека овие фалсификувани играчки можат да предизвикаат задушување, давење, посекотини или изгореници и да ги изложат децата на хемиски супстанции, а некои дури можат да го оштетат слухот или видот кај децата.

Играчки кои се опасни по живот

Во рамките на Европската Унија, строги регулаторни стандарди го регулираат дизајнот, производството и продажбата на играчки и игри, што криминалците вклучени во фалсификувањето го избегнуваат.

„Лошата изработка и употребата на токсични материјали со низок квалитет може да предизвикаат сериозни, па дури и опасни по живот повреди кај децата што си играат со фалсификувани играчки. Ова е особено загрижувачко за фалсификуваните играчки наменети да се стават во устата на бебиња, бидејќи бебињата се директно изложени на овие супстанции. Други опасности доаѓаат од електронските играчки чии нивоа на звук можат да ги надминат законските граници на децибели, предизвикувајќи неповратно губење на слухот“, се вели во соопштението.

Заедничката иницијатива за справување со производителите и увозниците на фалсификувани играчки ја започнаа 26 земји, координирана од Европол и предводена од Франција, Шпанија и Романија со поддршка на EUIPO и OLAF.

Загуба за целата индустрија

Европол додава дека глобалниот пазар на играчки се проценува на дури 300 милијарди евра годишно и дека останува втората најфалсификувана индустрија во светот.

Поточно, додава, секторот за играчки има најголем просечен губиток на продажба од фалсификувана стока во ЕУ со околу 8,7 проценти од вкупната продажба и претставува околу 1 милијарда евра изгубена продажба и 3.600 помалку вработени во индустријата.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата