Анкетите се сумирани во анализата „Супермедија“ на социолошката агенција „Јутренд“.
Партијата на Мелони „Италијански браќа“ ужива стабилна доверба од 29,4 проценти. На второ место е опозициската левоцентристичка Демократска партија на Ели Шлајн, која има 21,8 проценти. На трето место е опозициската партија „Движење 5 ѕвезди“ на поранешниот премиер Џузепе Конте со 12,4 проценти.
На четврто и петто место се десните партии од владејачката коалиција – „Форца Италија“ на вицепремиерот Антонио Тајани има 9,1 проценти, а „Лига“ на вицепремиерот Матео Салвини има 8,6 проценти. На шесто место се позиционира лево-еколошката унија „Сојуз Зелени Левица“ со 6,1 проценти.
Овие шест партии се класификуваа и за Европарламентот на изборите во јуни минатата година, пренесе БТА.
Центристичките партии „Италија Вива“ на поранешниот премиер Матео Ренци и „Дејствие“ на поранешниот министер за индустрија Карло Календа имаат соодветно 2,4 проценти и 3,2 проценти. Проевропската центристичка партија „Повеќе Европа“ има 1,8 проценти.
Ако во Италија сега има избори, анкетата покажува дека десноцентристите заедно би добиле 48,2 проценти, додека евентуална коалиција Демократска партија – „Движење 5 ѕвезди“ – „Сојуз Зелени Левица“ би добила 40,3 проценти. Ако кон неа се приклучат и трите центристички партии, тогаш таква коалиција би добила 47,7 проценти.