Видео: Тајфун ја погоди Кина, откажани илјадници летови, евакуирани повеќе од милион луѓе

10.08.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Видео: Тајфун ја погоди Кина, откажани илјадници летови, евакуирани  повеќе од милион луѓе

 Бурата го парализираше сообраќајот, а само во Шангај биле откажани околу 1.400 летови.

„Долфин“ најпрво го погоди Јухуан во провинцијата Жеџијанг со максимална брзина на ветерот од околу 150 километри на час, а околу еден час подоцна повторно стигна до копното во близина на градот Венџоу, соопшти кинеската метеоролошка служба.

Кинеските власти претходно издадоа предупредување од највисоко, црвено ниво за тајфунот. До понеделник наутро, „Долфин“ ослабе во тропска бура, но продолжи да се движи кон внатрешноста на земјата. Закана од обилни дождови, поплави и лизгање на земјиштето.

Властите продолжуваат да предупредуваат на обилни дождови, сериозни поплави и ризик од лизгање на земјиштето сè до среда. Обилни дождови се очекуваат во провинциите Шандонг, Хенан, Хубеи, Анхуи, Џиангсу и Жеџијанг, како и во Шангај.

Во делови од провинцијата Жеџијанг би можеле да наврнат меѓу 250 и 500 милиметри дожд во текот на неколку дена. Локалните власти ги повикаа жителите да избегнуваат престој на отворено, а затворени се и бројни туристички атракции.

Затворени се делови од „Дизниленд“ и „Леголенд“, како и неколку платформи за набљудување долж шеталиштето „Бунд“ во Шангај.

Снимки од кинеските државни медиуми прикажуваат поплавени деловни простории во приземјето во поранешната Француска концесија во Шангај – област популарна меѓу туристите. На снимките се гледаат и луѓе кои газат низ вода длабока до глуждовите.

Во Венџоу, властите преместија околу 900.000 жители и отворија повеќе од 1.000 прифатилишта за итни случаи. Во Таиџоу, околу 390.000 луѓе беа евакуирани од своите домови.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата