Вадефул: Прерано е да се зборува за брз крај на војната во Иран

10.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вадефул: Прерано е да се зборува за брз крај на војната во Иран

Тој, на заедничка прес-конференција со кипарскиот колега Константинос Комбос во Никозија, изјави дека САД се фокусирани на намалување на воените капацитети на Иран.

Според Вадефул, тие капацитети претставуваат закана за соседните земји, но и за Европа.

- Мислам дека овие напади ќе продолжат додека таа цел не биде постигната или додека иранската страна не покаже сериозна подготвеност за преговори - рече тој.

Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера навести дека војната со Иран, која прерасна во регионален конфликт, е „речиси завршена“.

Вадефул нагласи дека европските лидери мора „многу брзо да се позиционираат“ за да можат да имаат улога во евентуалните преговори.

Тој изрази солидарност со Кипар во случај на нови напади со ирански ракети или дронови, но повторно одби директна воена поддршка.

- Ако се појави безбедносна ситуација во која на Кипар ќе му биде потребна Германија, Германија ќе биде таму - рече Вадефул.

Тој посочи дека клаузулата за меѓусебна помош од Договорот на ЕУ важи, но нагласи дека во рамките на Унијата постои поделба на воените задачи, додавајќи дека повеќе медитерански држави веќе го поддржуваат Кипар.

Според него, Германија е ангажирана во Балтичкото Море и во балтичките држави.

Кипар е најблиската членка на ЕУ до Блискиот Исток и се наоѓа на околу 150 до 250 километри од Либан и Израел.

Минатата недела беспилотно летало од иранско производство погоди британска воздушна база на Кипар, при што беше предизвикана помала материјална штета.

Грција испрати четири борбени авиони Ф-16 и две фрегати, додека Франција, Италија и Шпанија распоредија воени бродови во регионот.

Кипарскиот министер за надворешни работи Комбос им се заблагодари на сите земји „кои реагираа брзо и ја потврдија поддршката за одбранбените капацитети на Кипар со конкретни мерки“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата