Уапсен е сериски убиец во Бразил- се обидел да избега како жена (ВИДЕО)

17.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Уапсен е сериски убиец во Бразил- се обидел да избега како жена (ВИДЕО)

Јорлан Лопес да Силва (33) беше уапсен во градот Мулунгу додека беше маскиран како жена и носеше двегодишно дете кое не беше негово. Истражителите проверуваат дали е одговорен и за десетици други кривични дела, пишуваат бразилските медиуми.

Според извештаите на медиумите, апсењето се случило во недела, 13 септември, со што завршила 48-часовна потрага. Лопес да Силва се обидел да ја измами полицијата носејќи фустан, перика, женски сандали и очила за сонце.

Тој имал и налакирани нокти, а со себе носел и двегодишно дете за да го скрие својот идентитет. Сепак, полицијата го препознала кога дел од неговата облека се поместил и открил тетоважа. Детето добило медицинска помош по апсењето и не било физички повредено.

Наводно признание за серија убиства

Истражителите во моментов го поврзуваат Лопес да Силва со 16 убиства извршени од крајот на мај. Сепак, тој наводно им кажал на полицајците дека убил вкупно 80 луѓе во период од две децении.

Наводно признал дека првото убиство го извршил на 13-годишна возраст и дека поминал пет до шест години во затвор за разни други кривични дела пред да биде ослободен на крајот на мај оваа година, изјави инспекторот Даглас Гарсија од Цивилната полиција.

Еден од случаите што се истражува е двојното убиство на двајца претприемачи на 1 август во Рио Тинто, според полицијата. Јорлан ја насочил полицијата точно кон местото каде што е погребано едно од телата, изјави инспекторот Гарсија.

Серискиот убиец бил уапсен по 48-часовна операција. Неговото тврдење дека извршил 80 убиства сè уште се проверува.

Доколку се докаже дека е точно, Јорлан би бил најсмртоносниот сериски убиец во бразилската историја, пред Педро Родригес Фиљо, познат како „бразилскиот Декстер“, кој беше осуден за 71 убиство, но тврдеше дека убил повеќе од 100 луѓе.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата