Турција го задржува правото да одговори на непријателски дејства, соопшти денеска претставник на Министерството за национална одбрана, откако балистичка муниција испукана од Иран беше детектирана како се движи кон турскиот воздушен простор, јави Анадолија.
Портпаролот на Министерството за национална одбрана, контраадмирал Зеки Актурк, во изјава за медиумите потсети дека балистичката муниција испукана од Иран вчера, насочена кон турскиот воздушен простор, била пресретната и неутрализирана од единиците за воздушна и ракетна одбрана на НАТО во источниот дел на Источниот Медитеран.
- Турција ја одржува својата решителност и капацитет на највисоко ниво за да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани и на својот воздушен простор, додека истовремено продолжува да води одговорен пристап што го става во преден план зачувувањето на регионалниот мир и стабилност – изјави Актурк.
- Сепак, уште еднаш нагласуваме дека го задржуваме правото да одговориме на непријателски дејства, без оглед од каде доаѓаат, и внимателно ги следиме случувањата во блиска соработка со НАТО и со другите наши сојузници – додаде тој.
Актурк истакна дека Анкара внимателно ја следи ситуацијата во услови на заедничките напади на Израел и САД врз Иран, како и последователните ирански напади насочени кон трети земји.
Се надеваме дека судирите веднаш ќе завршат – нагласи тој.
Тој повтори дека Турција е подготвена да придонесе во напорите за решавање на регионалните спорови по мирен пат.
- Проблемите можат да се решат само преку дијалог – рече Актурк, пренесе Анадолија.

