Цената на нафтата во пораст по слабеењето на доларот и одлуките на Трамп за увозни царини

22.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Цената на нафтата во пораст по слабеењето на доларот и одлуките на Трамп за увозни царини

Цените на нафтата денеска се во благ пораст по новите податоци за резервите во САД и можноста за воведување увозни царини од страна на претседателот Доналд Трамп, како и потенцијалното влијание на вонредната состојба во енергетскиот сектор прогласена од него веднаш по инаугурацијата.

По отворањето на берзите денеска цената на нафтата од марката Брент порасна до 77,16 долари за барел, додека на WTI се зголеми до 75,64 долари за барел.

-Нафтата добива поддршка од малото слабеење на доларот, како и од позитивниот ризик од растот на берзите, рече Џовани Стауново од банката „Ју-Би-Ес“ (UBS), пренесoa дел од американските медиуми.

-Цените неделава најверојатно ќе бидат повишени и од очекувањата за намалување на резервите на нафта во САД. Движењата на пазарот се умерени, бидејќи учесниците очекуваат поголема јасност за следните чекори на Трамп во врска со тарифите и санкциската политика, додаде тој.

Трамп вчера изјави дека неговата администрација разговара за воведување царини од 10 отсто за увезените производи од Кина, почнувајќи од 1 февруари – истиот ден кога, според неговите претходни изјави, е предвидено евентуално воведување на 25 отсто тарифи за Мексико и Канада.

Тој исто така вети воведување увозни царини за стоки од Европа, но не даде детали за тоа.

-Вниманието на нафтениот пазар постепено се префрла од американските санкции против Русија кон можната трговска политика на претседателот Трамп, истакнаа аналитичарите од „Ај-Ен-Џи“ (ING), додавајќи дека енергетскиот сектор е под притисок поради растечката закана од тарифи.

Истовремено, претседателот на САД изјави дека неговата администрација веројатно ќе ги прекине набавките на нафта од Венецуела, еден од најголемите снабдувачи на нафта во САД.

Аналитичарите на „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) во соопштение до клиентите истакнаа дека енергетската иницијатива на Трамп нема да доведе до непосредно зголемување на инвестициите или промена на темпото на раст на производството во САД. Тие забележаа дека иницијативата може да го ублажи евентуалното намалување на побарувачката на нафтени деривати.

Меѓутоа, производството на нафта во американската сојузна држава Северна Дакота се намали за 130.000 – 160.000 барели дневно поради екстремно студеното време и поврзаните оперативни тешкотии, соопштија синоќа од Управата за нафтоводи на САД. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата