Трамп се сретна со сирискиот претседател ал-Шара во Саудиска Арабија

14.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп се сретна со сирискиот претседател ал-Шара во Саудиска Арабија

Како што пренесе ДПА, средбата се одржала во саудискиот главен град пред закажаната средба меѓу Трамп и лидерите на неколку земји од Заливот.

Ова е прва средба меѓу американски и сириски претседатели во последните 25 години. Средбата, исто така, се случува еден ден откако Трамп изјави дека ќе ги укине санкциите воведени против Дамаск.

Трамп, кој е во Саудиска Арабија за првата етапа од неговата турнеја низ Заливот, изјави дека укинувањето на санкциите е шанса за земја разурната од војна „да блесне“.

Белата куќа вчера соопшти дека Трамп „се согласил да го поздрави сирискиот претседател“.

Санкциите беа воведени од САД и други земји како одговор на бруталната пресметка на поранешниот претседател Башар ал-Асад против демонстрантите во 2011 година и на насилството што неговиот режим го изврши врз цивилите за време на последователната граѓанска војна.

Асад беше соборен на почетокот на декември од исламистичка бунтовничка алијанса предводена од ал-Шара, кој подоцна беше назначен за привремен претседател.

Некогаш бунтовнички лидер, ал-Шара оттогаш се откажа и од Ал Каеда и од Исламската држава. Сепак, остануваат сомнежи за тоа дали тој целосно ја напуштил екстремистичката идеологија и тој сè уште е на списоците на терористи на САД и ЕУ.

Последната средба меѓу американски и сириски лидери беше во 2000 година меѓу тогашните претседатели Бил Клинтон и таткото на Башар, Хафез ал-Асад.

Во меѓувреме, турската државна новинска агенција Анадолија објави дека Трамп и ал-Шара исто така одржале онлајн средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Темите што се дискутирале за време на разговорот засега се непознати. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата