Трамп од Шарм ел Шеик: Почна втората фаза од преговорите за Газа, Иран би можело да се приклучи

13.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп од Шарм ел Шеик: Почна втората фаза од преговорите за Газа, Иран би можело да се приклучи

Американскиот претседател Доналд Трамп денес во Шарм ел Шеик изјави дека втората фаза од преговорите за решавање на конфликтот во Појасот Газа веќе е започната, додавајќи дека регионот на Блискиот Исток е во фаза на напредок и дека се надева дека Иран ќе се приклучи на процесот.

„Втората фаза започна, според нас. Фазите се меѓусебно поврзани и делумно се преклопуваат“, рече Трамп за време на состанокот со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, објави Ал Џезира.

Трамп ја пофали улогата на египетскиот претседател во преговорите со Хамас, нагласувајќи дека Ел Сиси има многу важна улога.

„Соединетите Американски Држави целосно го поддржуваат“, рече американскиот претседател.

Зборувајќи за поширокиот контекст на случувањата на Блискиот Исток, Трамп изрази верување дека регионот е „во уникатен момент на напредок“, нагласувајќи дека Иран би можел да се приклучи на процесот доколку добие одредена поддршка.

„Верувам дека Иран ќе се приклучи. Им е потребна помош, и ако ја добијат, можат да бидат дел од овој процес“, рече Трамп.

Тој додаде дека без американските напади врз нуклеарните постројки на Иран, „договорот за Газа немаше да биде можен“.

Трамп, исто така, рече дека тимови се на терен во потрага по телата на израелските заложници во Газа, истакнувајќи дека „има многу урнатини во Појасот Газа“ и дека е потребна сеопфатна операција за чистење.

„Ќе видиме голем напредок на Блискиот Исток“, рече Трамп.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси му се заблагодари на Трамп за неговата улога во посредувањето за прекин на огнот во Газа.

„Ова е извонредно достигнување и го цениме она што го постигна претседателот Трамп. Тој е единствениот лидер кој може да донесе мир во регионот“, рече Ел-Сиси.

Египетскиот претседател додаде дека е потребно да се обезбеди влез на хуманитарна помош во Газа и да се овозможи враќање на телата на израелските заложници на нивните семејства.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата