Разговорите меѓу двете страни продолжуваат и денеска, но на техничко ниво. Сепак, покрај сигналите дека има некаков напредок детали за сега не се познати. Белата Куќа по состанокот, објави заедничка изјава на двете страни во која се наведува дека како резултат на разговорите подготвена е ажурирана и подобрена верзија на рамката за мир, а државниот секретар Марко Рубио посочи дека секој конечен договор ќе биде усогласен меѓу Трамп и Зеленски.
-Целта беше да се земат тие 28 точки или 26 точки во зависност од тоа за која верзија станува збор бидејќи тоа продолжува да еволуира, и да се обидеме да ги стесниме на тие кои се уште се водат како отворени прашања. Го постигнавме тоа на многу значаен начин. Очигледно, како секој финален договор, ќе треба да биде усогласено меѓу претседателите и има неколку прашања на кои мора да продолжиме да работиме. Но, мислам дека извештајот за денеска е дека денешниот ден се исплатеше и веројатно е најпродуктивниот ден кој сме го имале по ова прашање.- Марко Рубио – Државен секретар на САД
Клучен проблем од американскиот мировен план за украинскиот претседател Зеленски е давањето територии на Русија. Во видео обраќање на „Кримската платформа“ Зеленски предупреди дека на овој начин би се создал опасен преседан. Најави дека ќе Украина ќе продолжи да соработува со САД и ЕУ за ставање крај на војната, но повика да се почитуваат и принципите врз кои почива меѓународното право.
-Путин сака правно признавање на она што го украл, да го прекрши принципот на територијален интегритет и суверенитет. Тоа е главниот проблем. / Клучно е да се поддржат принципите врз кои стои Европа, дека границите не можат да се менуваат со сила, дека воените криминалци не смеат да и побегнат на правдата и дека агресорот мора во целост да плати за војната што ја почна. - Володимир Зеленски – Претседател на Украина
И додека САД и Украина го ажурираат текстот на мировниот план, официјален Кремљ тврди дека се уште нема добиено никакви информации, но дека ситуацијата внимателно ја следат.
-Не, сè уште не сме добиле никакви информации. Секако, внимателно ги следиме медиумските извештаи што пристигнуваат во текот на изминатите неколку дена, вклучително и од Женева. Но, сè уште не сме добиле ништо официјално.- Дмитри Песков – Портпарол на Кремљ
Во меѓувреме, Ројтерс го објави и Европскиот мировен план за Украина како одговор на американскиот план од 28 точки. Во него, дел се корегирани, а точката 3 која се однесува на проширувањето на НАТО е целосно избришана. Според европскиот предлог, Киев нема да и предаде територии на Русија, и нема де факто признавање на окупирана територија, а замрзнатите руски средства се предлага да бидат одмрзнати откако Русија ќе плати надомест на штета. Во европската верзија, не не се споменува ниту рокот од 100 дена за одржување на избори кој е наведен во американскиот план, туку се наведува тие да се организираат што е можно поскоро.

