Трамп: Му давам на Хамас три до четири дена да одговори на планот за Газа, во спротивно...

30.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп: Му давам на Хамас три до четири дена да одговори на планот за Газа, во спротивно...

„Нема многу простор за преговори за предлогот. Ќе работиме околу три или четири дена. Ќе видиме како ќе оди. Сите арапски земји потпишаа. Сите муслимански земји потпишаа. Израел потпиша“, рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа пред состанокот со високи воени претставници во воената база Квантико во Вирџинија, објави Би-Би-Си.

Трамп рече дека ако Хамас не се согласи со договорот, тоа ќе биде „многу тажен крај“.

„Само чекаме Хамас, а Хамас или ќе го стори тоа или нема, а ако не го стори, тоа е многу тажен крај“, рече американскиот лидер.

Трамп и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет се обратија денеска на собирот на стотици воени офицери во базата на морнаричките сили во Квантико, Вирџинија.

Трамп рече дека имало „одредени трошоци“ во организирањето на денешниот состанок со врвните адмирали и генерали.

„Има малку трошоци, не многу... Не сакаме да трошиме. Искрено, би сакале да ги трошиме на куршуми и ракети“, рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа.

Тој додаде дека состанокот во Квантико бил „добра работа“ и дека „нешто вакво никогаш порано не е направено, бидејќи дојдоа од целиот свет“.

Хегсет го свика состанокот за да ги истакне достигнувањата на американската војска и да разговара за иднината на Министерството за одбрана под негово водство, рече функционер запознаен со плановите.

„Тоа вклучува давање приоритет на одбраната на татковината пред заканите од Кина, Русија, Иран и терористичките групи, како што ќе биде наведено во претстојната Национална стратегија за одбрана“, рече функционерот.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата