Трамп: Хамнеи е мртов, ова е правда и за Иранците и за Американците

28.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп: Хамнеи е мртов, ова е правда и за Иранците и за Американците

Во статусот, Трамп наведува дека акцијата била спроведена со помош на американски разузнавачки служби и „високо софистицирани системи за следење“, во координација со Израел.

Според него, покрај Хамнеи, биле убиени и други ирански лидери.

Трамп оценува дека ова претставува „најголема шанса“ за иранскиот народ да ја врати контролата врз државата. Тој тврди дека дел од припадниците на Иранската револуционерна гарда, војската и безбедносните сили наводно бараат имунитет и не сакаат повеќе да се борат.

Во објавата се најавува продолжување на „тешко и прецизно бомбардирање“ во текот на неделата или сè додека, како што наведува Трамп, не се постигне целта – „мир на Блискиот Исток и во светот“.

Објавата на Трамп ја пренесоа сите мејнстрим медиуми во САД, вклучувајќи ги Фокс њуз, Си-Ен-Ен и другите. 

Ен-Би-Си њуз го праша Трамп кој ќе го води Иран по смртта на Хамнеи. Трамп одговори: „Не знам, но во одреден момент ќе ме повикаат да ме прашаат кого би сакал“, додавајќи дека „бил само малку саркастичен кога го кажува тоа“.

Претходно израелските медиуми тврдеа дека на Нетанјаху му била покажана фотографија од мртвото тело на Хамнеи.

Од Иран засега нема никаква информација околу ова, иако би се очекувало итен демант доколку тврдењето на Трамп не е точно. Државната агенција ИРНА нема никаква вест поврзана со ова. 

Од друга страна, на профил на Х на кој стои името на Хамнеи се појави пораката:

„Во возвишеното име на Хајдар, мир нека биде врз него. Без него нема ниту небо ниту земја. Без него нема љубов како на Зејнаб.“

Хајдар е едно од почесните имиња на ајатолахот Хамнеи кој владееше со Иран од 1989 по смртта на Хомеини.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата