Трамп го продолжи примирјето со Иран на неодредено време - тензиите и натаму растат

22.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп го продолжи примирјето со Иран на неодредено време  - тензиите и натаму растат

 Во објава на социјалните мрежи, Трамп појасни дека примирјето ќе трае се додека Техеран не достави усогласен предлог и дискусиите не бидат завршени. Нова рунда преговори нема на повидок. Во Исламабад останаа само банерите за вчера најавената средба, на која не дојде никој, иако според информациите, потпретседателот Венс до последен момент чекал во авионот, пред да добие потврда дека иранската делегација нема да седне на маса во Пакистан. Експертите стравуваат дека статус квото или ќе ја разгори војната или ќе донесе замрзнат конфликт.

-Замрзнатиот конфликт би им овозможил на Иранците да продолжат со нуклеарната програма и со своите нуклеарни аспирации, а ние би можеле, како во случајот со Северна Кореја, еден ден да се разбудиме и да дознаеме дека Иран е нуклеарна сила. Мислам дека поверојатно е дека ќе ја продолжиме воздушната кампања, отколку некаков вид копнена офанзива, изјави генерал Марк Кимит, поранешен советник во Стејт Департментот.

Првиот ден од продолженото примирје сепак не ја стиши тензијата. Иран нападна три комерцијални бродови долж Ормускиот теснец, откако биле биле пресретнати од Иранската револуционерна гарда. Техеран соопшти дека два од трите брода, едниот во грчка, а другиот во сопственост на Емиратите биле запленети. Токму затворањето на клучниот нафтен канал од страна на САД, беше главната пречка за напредок во преговорите со Иран, кој смета, дека продолжениот прекин на огнот е повод за нов ненадеен удар врз земјата. 

-Исламската Република Иран, во случај на агресија или операција против Иран, веднаш ќе одговори кон однапред одредени цели. Агресивната Америка и ционистичкиот режим, кои убиваат деца, ќе се соочат со уште една лекција, многу пожестока од претходно. , изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на иранската армија.

Веста за продолжување на примирјето денеска не донесе никакво олеснување на финансиските пазари.Цените на нафтата остануваат на ниво нешто под 100 долари за барел, а берзите продолжуваат да одразуваат нервоза околу изгледите за мир и постојано растечките цени.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата