Трамп ги интензивира обидите за ставање крај на војната во Украина

17.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп ги интензивира обидите за ставање крај на војната во Украина

Клучната тема со Зеленски во Белата куќа се очекува да биде долгонајавувата можност САД да му испорачаат на Киев ракети „Томахавк“ со дострел од 2,500 километри, кои доспеваат до Русија. Но, сега Трамп го менува тонот, особено по синоќешниот најдолг досега 2-часовен телефонски разговор со Путин, по кој рече дека овие проектили им се потребни и не треба да ги исцрпат залихите.

-Дали претседателот Путин се обиде да ве одврати од продажбата на ракетите „Томахавк“? –Па, секако. Што мислите дека ќе ми каже? Ве молам, продајте ги „Томахавк“ или ќе каже ве молам продајте ги „Томахавк“, навистина би го ценел тоа? Јас реков: дали би ви пречело ако им дадам неколку илјади ракети „Томахавк“ на вашите противници. Му го кажав токму тоа. Не му се допадна идејата. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател Зеленски веќе пристигна во Вашингтон, каде и ја слушна веста дека Трамп веќе договорил самит со Путин, што во меѓународната јавност се доживува како своевиден студен туш за Киев. Тој имаше средба со претставници на компанијата која ги произведува системите за воздушна одбрана „Патриот“, а претходно на социјалните мрежи напиша дека очекува примирјето во Газа да се преслика и во Украина. Но, очите на светската јавност повеќе се насочени кон самитот Трамп – Путин, кој се очекува да се случи во наредните две до три недели.

-Значи ќе се сретнеме во Унагрија. Виктор Орбан ќе биде домаќин и за тоа е навистина време. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Орбан ветува топло гостопримство. Вели, подготовките се во тек, Унгарија ќе биде остров на мирот.

-Ако погледнете на мапата и ги погледнате лидерите, брзо ви станува јасно дека Будимпешта е единственото место во Европа каде што може да се одржи ваква средба. , изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Но, главната енигма сега е по која рута Путин би допатувал во Будимпешта, прашање на кое денеска не знаеше да одговори ниту Кремљ. Унгарија е опколена со четири НАТО членки, Романија, Словачка, Словенија и Хрватска, Австрија, западниот дел на Украина и Србија, сите потписнички на статутот на Меѓународниот Кривичен суд, кој пред две години издаде потерница за рускиот лидер.

Како можни алтернативи се споменуваат посреднички летови преку Србија или Турција или воведување посебен воздушен коридор за лет до Будимпешта.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата