Блискиот Исток се соочува со нова, жестока ескалација на конфликтот откако Иран во текот на ноќта и утрово истрела бранови ракети кон Израел, погодувајќи цели во Тел Авив и во јужните и северните делови на земјата, додека истовремено пристигнуваат противречни информации за наводни преговори меѓу Вашингтон и Техеран за поштедување на енергетската инфраструктура.
Сирените за воздушна опасност се огласија во Тел Авив и централниот дел на Израел по детекцијата на масовни лансирања од Иран. Според израелската служба за итна помош „Маген Давид Адом“, најмалку шест лица се полесно повредени во центарот на Тел Авив, каде се регистрирани четири места на удар. Снимките од теренот покажуваат тешко оштетени згради со разнесени фасади, запалени автомобили и густ црн чад. Полицијата соопшти дека специјални тимови работат на отстранување на неексплодирани проектили, додека Израелските одбранбени сили (ИДФ) веќе упатија дополнителни трупи на југот на земјата за санирање на штетите во неколку подрачја. Напади се регистрирани и во северниот дел на Израел, каде се оштетени станбени објекти, но засега нема извештаи за жртви.
Паралелно со иранските напади, ИДФ ги продолжи операциите во Либан. Во напад југоисточно од Бејрут, во градот Бшамун кој се наоѓа надвор од традиционалните упоришта на Хезболах, загинаа две лица, а петмина се повредени. Ударите врз јужните предградија на либанската престолнина траеја во текот на целата ноќ.
На дипломатски план владее конфузија по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ги одложил нападите врз иранските електрани за пет дена поради „продуктивни разговори“ со Техеран. Трамп постави ултиматум до Иран целосно да ја отвори стратешката Ормуска теснина во овој рок. Сепак, официјален Техеран, вклучително и претседателот на парламентот Мохамад Багер Калибаф и претставници на Револуционарната гарда, ги отфрлија овие тврдења како „лажни вести“ и обид за манипулација со пазарите. Дипломатски извори наведуваат дека евентуалните контакти се ограничени само на посредници од Египет и Пакистан.
Иако Трамп зборува за привремено затишје, американски официјални претставници појаснуваат дека тоа се однесува исклучиво на енергетските објекти. Операцијата „Епски гнев“ продолжува во полн ек, а воените цели, морнарицата и капацитетите за балистички ракети на Иран остануваат легитимна мета. Иранската агенција „Фарс“ веќе извести дека, и покрај најавеното одложување, биле погодени два енергетски објекти – станица за преработка на гас во Исфахан и гасовод кај електраната во пристанишниот град Хорамшар, при што е предизвикана делумна штета.
Регионалните последици од конфликтот се проширија и врз земјите од Заливот. Кувајтската војска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале ирански ракети, при што падот на остатоци предизвикал прекин на седум далеководи. Сирени се огласуваа и во Бахреин, додека Саудиска Арабија потврди дека пресретнала и уништила повеќе дронови во својот воздушен простор.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека воените операции против Иран и неговите сојузници продолжуваат со несмалено темпо.
Глобалните пазари на нафта реагираа со нов скок на цените поради страв од долготрајни нарушувања во снабдувањето преку Ормуската теснина.
Од почетокот на овој конфликт кон крајот на февруари, досега се евидентирани повеќе од 2.000 жртви, а меѓународните напори за деескалација остануваат без конкретен резултат.

