Светската програма за храна подготвила 60.000 тони храна за Појасот Газа, бара Израел да овозможи непречен влез на помошта

11.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Светската програма за храна подготвила 60.000 тони храна за Појасот Газа, бара Израел да овозможи непречен влез на помошта

Со почетокот на примирјето во Појасот Газа, Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) со седиште во Рим ја повика израелската Влада итно да дозволи влез на хуманитарната помош во опколената територија, пренесува ДПА.

- Ова е клучен момент за народот на Газа, изјави Мартин Фрик, претставник на WFP за Германија, Австрија и Лихтенштајн, во интервју за германската медиумска група РНД.

- Примирјето мора да овозможи безбедни гранични премини и јасни безбедносни гаранции за транспортот на помошта, нагласи Фрик, додавајќи дека „секој час е од клучно значење“.

Според него, 60.000 тони храна се подготвени за влез во Појасот Газа, а уште 100.000 тони се веќе на пат кон регионот. Тоа количество, доколку пристапот биде безбеден и континуиран, би било доволно за снабдување на населението во Газа за речиси три месеци.

- Во првиот месец можеме да обезбедиме леб, брашно и пакети со храна за 1,6 милиони луѓе, изјави Фрик.

Тој потсети дека Израел го контролира пристапот до Газа и треба да дозволи минување на конвоите со помош и да осигура нивна безбедност.

Примирјето меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас стапи во сила во петок на пладне (09:00 по Гринич).

Откако беше постигнат пробив во мировните преговори, Израел и Хамас во четвртокот се согласија на првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, што предвидува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските сили до меѓусебно договорена линија во Газа.

Според податоците на здравствените власти под контрола на Хамас, во војната досега загинале над 67.000 Палестинци, а во нападите на Хамас врз Израел, со кои конфликтот започна, беа убиени околу 1.200 лица, додека над 250 беа киднапирани и однесени во Газа.

Меѓународните организации ја поздравија новата фаза на примирје, предупредувајќи дека „без брза и континуирана испорака на храна, вода и лекови, хуманитарната катастрофа може да продолжи и покрај прекинот на огнот“. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата