Стармер презентираше план за сеопфатни реформи во британската имиграциска политика

13.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Стармер презентираше план за сеопфатни реформи во британската имиграциска политика

Британската Влада објави „бела книга“ во која се наведени осум клучни мерки кои, заедно со претходните промени воведени за време на конзервативната Влада, треба да доведат до вкупно намалување на бројот на мигранти за повеќе од 100.000 годишно.

Стармер истакна дека планот претставува крај на период во кој „политиката и економијата страдаа поради неконтролиран прилив на население“.

Во 2023 година бројот на имигранти во Велика Британија изнесуваше рекордни 906.000, а моментално е намалена на 728.000. Доколку другите фактори останат непроменети, се очекува до 2028 година да се намали бројот на имигранти на околу 240.000 годишно.

Владата предвидува построги контроли што вклучуваат оданочување на универзитетските приходи од странски студенти, намалување на времето што студентите можат да го задржат по дипломирањето, укинување на можноста за вработување на нискоквалификувани работни места, построги барања за познавање на англискиот јазик и продолжување на рокот за стекнување право на постојан престој од пет на десет години.

Според Стармер, целта е да се воспостави селективен и праведен систем, при што Велика Британија ќе одлучува кој ќе дојде во земјата. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата