Пред средбата во Лондон, Зеленски најави „недела на дипломатијата„ која вклучува консултации со европските партнери за украинската одбрана и долгорочното финансирање на Украина.
-Останувам во постојан контакт со Обединетото Кралство, Франција, Германија, Европската комисија, генералниот секретар на НАТО и другите наши партнери. Им благодарам на сите за нивната поддршка. Украина заслужува достоинствен мир, а дали ќе има мир зависи целосно од Русија - од нашиот колективен притисок врз Русија и од здравите преговарачки позиции на САД, Европа и сите наши други партнери. Русија мора да биде одговорна за она што го прави - за секојдневните напади, за постојаниот терор врз нашиот народ и за самата војна.- Володимир Зеленски, претседател на Украина
Пред средбата во Лондон, премиерот Стармер за британски медиуми, посочи дека се потребни „цврсти безбедносни гаранции“ за Украина. Стармер ги оцени мировните разговори како комплицирани, но со напредок, и го пофали американскиот претседател Доналд Трамп за неговите напори. Токму Трамп пак, вчеравечер изрази разочарување од Зеленски кој според него, не го прочитал нацрт- предлогот што претставници од Украина и САД го преговараа откако првичниот нацрт, доби критики дека е во корист на Русија.
-Русија е во ред со предлогот, мислам дека Русија би претпочитала да ја добие цела земја, но верувам дека на Русија и е во ред предлогот, но не сум сигурен дека Зеленски се согласува. Неговите луѓе го сакаат (предлогот), но Зеленски не го прочитал. - Доналд Трамп, претседател на САД
Од Лондон, Зеленски ќе се упати во Брисел на разговор со шефот на НАТО Марк Руте, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Дипломатската офанзива на украинскиот претседател доаѓа по состаноците на тимот преговарачи од Русија и САД, каде како што откри американскиот државен секретар Марко Рубио, спорна била само темата за 20 проценти од територијата на Доњецката област, која е под контрола на властите во Киев.

