Експерименталниот дрон, развиен од „Вухан гајд инфраред“ (Wuhan Guide Infrared) во партнерство со Академијата за специјални операции на кинеската армија, покажал извонредна точност. Имено, како што е демонстрирано за време на тестовите, оруженото летало лебди на околу 10 метри над земјата и се насочува кон цел на 108 метри далечина. Самоуправувачкото летало испука 20 поединечни истрели, при што секој ја погоди целта. Според рецензирана студија објавена на 9 декември во „Журналот за оптек и контрола на оружјето“ (Journal of Gun Launch and Control), системот постигнал стапка на погодок од 100 отсто за време на операцијата во лет. Резултатите истакнуваат значаен напредок во прецизноста, стабилизацијата и далечинското управување со оружјето за идните бојни беспилотни летала.
Целта била силуета со големина на човек опремена со градна плоча од 50 x 50 см, којашто ја претставува виталната област на лице кое стои.
Од 20 куршуми што гаѓале цел со големина на човек, 10 погодиле на околу 10 см од центарот, приближно еквивалентно на истрел во глава. На пократко растојание од 50 метри, системот ја погодил целта 19 од 20 пати.
Според истражувачкиот тим предводен од вишиот инженер Џијанг Хуаџијан, едното промашување не било системска грешка. Тие објаснуваат дека куршумот го погодил работ на градите поради производствен дефект во муницијата, објави „Саут Чајна морнинг пост“.
За разлика од претходните оружени дронови коишто се потпирале на прилагодено или модифицирано огнено оружје, овој систем користи стандардна пушка што ја употребуваат и обичните пешадиски војници. Овој концепт јасно го истакнува преминот кон практична и подготвена технологија за бојно поле, покажувајќи подобрувања во стабилизацијата, алгоритмите за насочување и интегрираните системи за контрола на оган за мали воздушни платформи.
Овој напредок посочува дека дроновите од овој вид би можеле да станат сигурен додаток на копнените сили, комбинирајќи ја мобилноста и прецизноста, со користење конвенционално оружје што веќе е во употреба.
Истражувачите исто така развија напреден софтвер којшто автоматски го прилагодува аголот на пукање, земајќи ги предвид растојанието до целта, условите на ветерот и ориентацијата на дронот во воздухот. Овие технички подобрувања му овозможија на системот да одржува прецизно насочување дури и додека лебди или маневрира, дополнително зголемувајќи го неговиот потенцијал како сигурна платформа за поддршка на пешадијата од воздух.
Сепак, сегашната платформа е ограничена на единечно пукање и не поддржува континуирани или автоматски рафали. Ова ограничување на дизајнот би можело да ја намали нејзината ефикасност во сценарија со брзо движење или „густа“ борба, особено ако дронот мора да се насочи кон повеќе цели истовремено или да одговори на координиран напад од повеќе страни.

