Со новата американска Стратегија за национална безбедност се менува односот кон Европа

5.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Со новата американска Стратегија за национална безбедност се менува односот кон Европа

- Завршија деновите кога САД го носеа целиот светски поредок како Атлас, се наведува во документот од 33 страници.

Според Стратегијата, САД ќе водат политика на „префрлање на товарот“, со цел Европа „да застане на свои нозе“ и „да преземе примарна одговорност за сопствената одбрана“.

Документот повикува на „рефокусирање на глобалното воено присуство на САД врз итни закани во нашето соседство“ и намалување на ангажманот во региони кои, како што се наведува се „помалку важни за националната безбедност на САД отколку што биле во претходните децении“.

Стратегијата е фокусирана на враќање на американската супериорност во Латинска Америка.

- САД сакаат да ја прекинат масовната миграција низ целиот свет и да ја направат контролата на границите клучен елемент на националната безбедност на САД. Мора да заврши ерата на масовна миграција. Безбедноста на границите мора да биде клучен елемент на националната безбедност. Мора да ја браниме нашата земја од инвазија, не само од неконтролирана миграција, туку и од прекугранични закани како што се тероризам, дрога, шпионажа и трговија со луѓе, се истакнува во документот.

Како што објави „Фајненшл тајмс“ (The Financal Times) Стратегијата го нагласува растечкиот идеолошки јаз помеѓу Вашингтон и традиционалните европски сојузници, а Европа е опишана како континент на кој му се заканува цивилизациско исчезнување.

Според Стратегијата, на Европа и се заканува цивилизациско исчезнување поради големата миграција и ниската стапка на наталитет, како и поради тоа што европските влади ја поткопуваат демократијата.

Во документот се наведува дека дел од европските лидери „ги блокираат американските напори“ за завршување на војната во Украина иако „големо европско мнозинство сака мир“.

- Брзиот прекин на непријателствата е клучен за да се стабилизираат европските економии, за спречување на ескалацијата или ширење на војната и повторно воспоставување на стратешката стабилност со Русија, се наведува во Стратегијата за национална безбедност на САД.

Во документот се охрабрува зголеменото политичко влијание на евроскептичните ултрадесничарски партии, чие доаѓање на власт во европските држави би можело да влијае врз иднината на Европска Унија.

- Американската дипломатија треба да ја брани вистинската демократија, слободата на изразување и нескриеното славење на националните идентитети. САД ги охрабруваат своите политички сојузници во Европа да го поддржат ова оживување на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за оптимизам, се посочува во Стратегијата.

Во документот се истакнува дека Кина првенствено е економски предизвик, а Вашингтон ќе „го ребалансираат својот економски однос со Кина, фаворизирајќи реципроцитет и праведност со цел да ја вратат економската независност на САД“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата