Шпанската министерка за одбрана го нападна Трамп: Воена ескалација би можела да значи крај на НАТО

26.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Шпанската министерка за одбрана го нападна Трамп: Воена ескалација би можела да значи крај на НАТО

Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес денеска изјави дека најавите на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп во врска со Гренланд претставуваат опасна тенденција за поткопување на меѓународниот правен поредок и основните принципи на НАТО.

Во интервју за шпанската телевизија, Роблес предупреди дека доведувањето во прашање на суверенитетот на Гренланд, како и секое кршење на меѓународното право и основачките принципи на НАТО, е неприфатливо.

„Каков морален авторитет ќе имаме да го осудиме (рускиот претседател Владимир) Путин? Трамп сака да го преземе суверенитетот на Гренланд, кршејќи ги сите норми на меѓународното право и принципите на Алијансата. Ова е сериозна закана за меѓународниот правен поредок. Ова веќе се случило во други случаи и се случува сега“, рече Роблес.

Како што изјави, почитувањето на суверенитетот и меѓународните норми се основа на Алијансата, објавува 20 минути.

Роблес нагласи дека Шпанија е „одговорен и посветен сојузник“ на НАТО и нагласи дека Данска, како земја на која ѝ припаѓа Гренланд, треба да игра клучна улога во решавањето на ситуацијата, со приоритетно користење на дипломатските канали.

„Данска е таа што мора да повлече линија. Воената ескалација може да значи крај на Атлантската алијанса“, предупреди таа.

Роблес, исто така, ги отфрли тврдењата на Трамп за улогата на силите на НАТО во Авганистан, опишувајќи ги како неприфатливи, потсетувајќи дека повеќе од 100 шпански војници ги загубија животите за време на мисијата.

Зборувајќи за барањето на САД сојузниците да ги зголемат воените трошоци на пет проценти од БДП, Роблес изјави дека Шпанија ја достигнала целта од два проценти оваа година и ги исполнува своите обврски преку испраќање војници и опрема, како и преку инвестиции во вооружените сили и домашната воена индустрија.

Според неа, на американскиот претседател „не му се доволно информации“.

„Ако не сака да разговара со Шпанија, треба да разговара со лидерите на земјите каде што се стационирани шпански војници“, рече таа.

Во врска со војната во Украина, Роблес посочи на тешката ситуација за цивилното население, со екстремни температури и континуирани напади, и рече дека Шпанија „мора да продолжи да го поддржува Киев“.

Таа нагласи дека меѓународните мисии на Шпанија имаат за цел зачувување на мирот.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата